Достапни линкови

Поради страв од кривична одговорност повикуваат на револуција


Архивска фотграфија - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собраните граѓани пред ДИК
Архивска фотграфија - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собраните граѓани пред ДИК

Повиците за протести се обид политичката криза да се прелее во граѓанска, велат аналитичари кои додаваат дека врхушката на ВМРО-ДПМНЕ страхува од судски разврски па затоа повикува на демонстрации.

Ќе има револуција!, Ајде на улица!, Револуција сега, оти таква ни е организацијата, револуционерна! Со изјавите дека за брзо време ќе има влада зачестија и ваквите повици од страна на членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи.

Аналитичарите велат дека апелите за вакви протести се поради тоа што СДСМ и ДУИ се блиску до договор, нешто на што ВМРО-ДПМНЕ не се надевале кога пропаднаа преговорите меѓу нив и ДУИ.

„Сега тие одеднаш одат на одбрана на некакви национални интереси, зборуваат за дефакторизација, за работи што немаат врска со тековната политика. Ова не е ништо. Тие десет години коалицирале и правеле различни договори, но сега СДСМ и ДУИ се блиску до составување влада и се јавува нервоза кај ВМРО-ДПМНЕ,“ изјави Перо Димшоски, поранешен функционер во Владата.

Нервозата кај ВМРО-ДПМНЕ, Димшоски ја поврзува со стравот кај раководството на партијата дека ако СДСМ и ДУИ формираат влада, тоа би значело продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство кое, пак ,најмногу му пречи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако ти пречи СЈО, ако сакаш да имаш влијание врз судството и врз останатите институции, тогаш би правел сè за да оневозможиш тие процеси да завршат. Можеби постои некаков страв дека ќе има судски разврски и тоа е мотивот за ваквите повици, но што и да е, не е конзистентна политика“, истакнува Димшоски.

Според професор Башким Селмани, пак, повиците на протести се обид политичката криза да се прелее во граѓанска.

„Значи 15-тина луѓе кои не сакаат да одговараат за некои сомневања коишто ги правеле, тие сакаат целиот народ да го свртат против СЈО. Сите тие мислеле дека СЈО ќе биде со кратка употреба, а сега кога се убедиле дека СЈО ќе ги истера сите предмети до крај, ја губат сопствената доверба и сакаат да направат нереди“, изјави Селмани.

Во меѓувреме, дел од медиумите објавија дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата организираат протести за денеска попладне на плоштадот Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ ваквата информација ја демантираа како дезинформација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG