Достапни линкови

Вести

Штрајк на вработените во МПМ

Новинарите и другите медиумски работници кои се вработени во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија денеска стапија во штрајк на неопределено време. Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест.

„Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ. Со тоа, тиражите на весниците кои поради светските трендови и онака беа намалени, почнаа вртоглаво да тонат. Наместо да се свестат, сопствениците на комапнијата излезот го побараа во постојано бркање на успешни уреднички тимови и новинари, а носејќи колеги кои им се по волја на властите“ е наведено во соопштението на ССНМ.

Платите на вработените, како што информираат од ССНМ доцнеле и се исплаќале надвор од законскиот рок, а сопствениците и менаџментот од почетокот на годинава ја прекинале секоја форма на социјален дијалог.

Здружението на новинари на Македонија соопшти дека го поддржува штрајкот на новинарите на трите весници на издавачот Медиа принт Македонија и го повикува менаџментот на компанијата веднаш да ги исполни барањата на штрајкувачкиот одбор за исплата на заостанатите плати и хонорари.

види ги сите денешни вести

Штајнмајер го распушти Бундестагот и закажа избори на 23 февруари

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер
Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер денеска (27 декември) го распушти германскиот Парламент и закажа предвремени парламентарни избори на 23 февруари. Ова следува откако трипартиската владејачка коалиција предводена од канцеларот Олаф Шолц се распадна.

Шолц го загуби гласањето за доверба во парламентот претходно овој месец, по повлекувањето на Слободната демократска партија (ФДП), чиј лидер е министерот за финансии Кристијан Линднер. Со тоа, владата остана без поддршка на парламентарното мнозинство.

Губењето на довербата го означи фактичкиот почеток на изборната трка за нов канцелар на Германија.

Според досегашните анкети, фаворит за наследник на Шолц е лидерот на конзервативната коалиција Христијанско-демократска/Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ), Фридрих Мерц.

Тој ја обвини владата за преголеми регулации кои го задушиле економскиот раст.

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на Шолц во повеќето анкети заостанува зад ЦДУ/ЦСУ за повеќе од 10 процентни поени.

Крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) исто така ја надминува СПД во анкетите, иако со мала предност. На четврто место засега се наоѓаат „Зелените“.

Естонската морнарица со патроли за заштита на електричните кабли со Финска

илустрација
илустрација

Естонските вооружени сили започнаа поморска операција за заштита на подводниот електричен кабел Естлинк 2 во Балтичкото Море, соопшти министерот за надворешни работи на Естонија Маргус Цакна.

„Доколку постои закана за подводната критична инфраструктура во нашиот регион, ќе има и одговор“ напиша Цакна на платформата X.

Финските власти го задржаа бродот поврзан со Русија, кој моментално се наоѓа во финските територијални води, за да истражат дали тој го оштетил кабелот за пренос на струја во Балтичкото Море и неколку интернет кабли, соопшти финската полиција.

„Финската полиција и граничната служба вчера (26 декември) извршија контрола на бродот „Eagle S“, преземајќи ја командата врз него“, рече началникот на полицијата во Хелсинки, Јари Лиуку, на прес-конференција.

Припадниците на крајбрежната стража се качија на бродот, кој е регистриран на Куковите Острови, додека тој се наоѓаше во Балтичкото Море, и го пренасочија во финските води.

Истрагата се фокусира на сомнежот дека сидрото на бродот „Eagle S“ го оштетил кабелот, објави финскиот јавен сервис Yle, повикувајќи се на полициски извори.

Електричниот кабел Естлинк 2, кој пренесува струја од Финска до Естонија преку Балтичкото Море, беше оштетен во средата.

Поправката на овој 170-километарски интерконектор ќе трае неколку месеци, а прекинот на кабелот може да предизвика потешкотии во снабдувањето со електрична енергија за време на зимата, соопшти финскиот оператор за пренос на електрична енергија Fingrid.

Пратениците го отповикаа привремениот претседател на Јужна Кореја

Хан Дук-со на Светскиот економски форум во Давос, јануари 2024 година
Хан Дук-со на Светскиот економски форум во Давос, јануари 2024 година

На 27 декември, јужнокорејските пратеници го отповикаа вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Хан Дук-со.

Барањето на опозицијата за смена беше поднесено на 26 декември, откако привремениот претседател одби да именува судии на Уставниот суд.

Уставниот суд има шест месеци да ја потврди или отфрли смената на конзервативниот претседател Јун Сук Јеол, што пратениците ја изгласаа на 14 декември по неуспешната вонредна состојба во земјата.

Хан Дук-су ја презеде привремената претседателска функција, а Џун Сук-Јол беше суспендиран додека се чека пресудата на Уставниот суд.

Пресудата на Уставниот суд се носи со двотретинско мнозинство, но три места се слободни по пензионирањето на судиите минатата есен.

Воената состојба е без преседан во модерната демократска ера на Јужна Кореја, која започна во доцните 1980-ти, по децениската воена диктатура.

Мрачното политичко минато на Јужна Кореја е обележано со низа моќни воени лидери кои постојано прогласуваа воена состојба.

Јужна Кореја воспостави силна демократија по падот на воените режими, но останува силно поларизирана со процеси кои зависат повеќе од харизмата на политичарите отколку од демократските институции, посочуваат аналитичарите. Во меѓувреме, успеа да развие силна економија, четврта по големина во Азија со познати светски брендови.

На внатрешните услови во Јужна Кореја влијае и нејзината комплицирана меѓународна позиција, пред се поради тензиите со Северна Кореја, која се заканува со користење на нуклеарно оружје.

Прв случај на мајмунски сипаници во Косово

илустрација
илустрација

Косовскиот институт за јавно здравје соопшти дека во Косово е потврден првиот случај на вирусот Мпокс или мајмунски сипаници.

Лицето заразено со овој вирус е 30-годишен државјанин на Косово. Тој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември по враќањето од Западна Африка и имал симптоми како треска, осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете и чешање.

„Пациентот е во стабилна здравствена состојба. Институтот ги следеше сите пријавени контакти на заразеното лице и членовите на неговото семејство, на кои им беа дадени препораки за мерки за превенција и контрола на инфекцијата“, се вели во соопштението.

Институтот повика на претпазливост, додавајќи дека луѓето со мајмунски сипаници обично имаат благи или умерени симптоми, кои траат две до четири недели.

Мајмунските сипаници се пренесуваат со близок контакт.

Тие обично се придружени со благи симптоми, но во некои случаи вирусот може да биде фатален за луѓето.

Вирусот е придружен со симптоми слични на грип, како и гнојни плускавци по целото тело.

Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална вонредна состојба за јавно здравје.

Прогласувањето на болеста за глобална вонредна здравствена состојба значи дека може да се распределат повеќе ресурси и да се преземат активности на глобално ниво за да се спречи ширењето на вирусот.

update

Сеул објави дека починал првиот севернокорејски војник заробен од Украина

Видео, наводно, покажува тела на паднати руски војници во регионот Курск. Според изворите на Шеми, меѓу нив наводно има и тела на војници од Северна Кореја, декември 2024 година
Видео, наводно, покажува тела на паднати руски војници во регионот Курск. Според изворите на Шеми, меѓу нив наводно има и тела на војници од Северна Кореја, декември 2024 година

Првиот севернокорејски војник за кој се сметаше дека е заробен во Русија откако Пјонгјанг распореди војници за да им помогне на руските воени напори во Украина, наводно, починал.

Според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, Националната разузнавачка служба на земјата во кусото соопштение на 27 декември соопшти дека севернокорејскиот борец починал од раните здобиени пред неговото апсење од украинските трупи за специјални операции.

„Потврдивме преку сојузничката разузнавачка агенција дека севернокорејскиот војник, кој беше заробен на 26-ти, почина пред малку поради сериозни повреди“, се вели во соопштението.

Извештајот доаѓа еден ден откако украинскиот медиум Милитарњи објави дека војник за кој се верува дека е Севернокорејец бил заробен од украинските сили за специјални операции во рускиот регион Курск. Извештајот доаѓа еден ден откако украинскиот медиум „Милитарњи“ објави дека украинските сили за специјални операции заробиле војник за кој се верува дека е севернокорејски борец во рускиот регион Курск.

На Телеграм претходно беше објавена и фотографија од заробен војник, за кој се верува дека е ранет. Фотографијата не е независно потврдена.

Минатиот месец Пјонгјанг го ратификуваше договорот за „сеопфатно стратешко партнерство“ со Русија, зацврстувајќи го договорот што им го расчисти патот на неговите војници да се борат на руска територија против Украина.

Украинските сили окупираа дел од рускиот регион Курск, каде борбите се во тек.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 23 декември изјави дека повеќе од 3000 или околу една четвртина од севернокорејските специјални сили испратени во Русија биле убиени или повредени, иако тој ја оквалификувал неговата изјава како прелиминарна.

Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја објави помал број, соопштувајќи дека на 19 декември околу 1100 припадници на севернокорејските специјални сили биле убиени или повредени во Русија откако влегле во борбата против Украина.

Одделот за истражување на украинскиот сервис на РСЕ, Шеми доби фотографии од украински воени извори на кои наводно се прикажани телата на загинатите војници во Курск, вклучително и оние за кои се вели дека се севернокорејски борци.

РСЕ не можеше независно да ги потврди тврдењата. Русија не го коментираше извештајот.

Севернокорејската воена поддршка доаѓа во критичен момент од војната во Украина. Русија се обидува да ја совлада украинската пешадија со недоволно екипаж и недоволно ресурси.

Русија загуби повеќе од 600 000 војници во речиси тригодишната војна, објави Пентагон на почетокот на октомври. Руските сили потрошија толку многу воен материјал што сега се борат да ги надополнат своите потреби од артилерија и ракетни средства во услови на огромни западни санкции.

Сега, речиси две третини од минофрлачите и гранатите што Русија ги истрела кон Украина доаѓаат од Северна Кореја, објави Волстрит Џурнал, цитирајќи го Андриј Коваленко, офицер во украинската армија. Украиснките власти соопштија дека с секоја трета балистичка ракета е направена во Северна Кореја.

Се очекува одлука за распуштање на германскиот парламент

Германскиот парламент во Берлин, Германија
Германскиот парламент во Берлин, Германија

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска (27 декември) се очекува да ја соопшти својата одлука дали ќе го распушти Долниот дом на германскиот парламент, со што ќе се отвори патот за предвремени парламентарни избори во февруари, јави ДПА.

Се верува дека Штајнмаер речиси сигурно ќе го исполни барањето на канцеларот Олаф Шолц за распуштање на Бундестагот.

Со распуштањето на Долниот дом, претседателот ќе одреди датум за избори. Тој датум се очекува да биде 23 февруари.

За тој датум се договорија парламентарните лидери на социјалдемократите на Шолц и конзервативната Христијанско-демократска унија.

Олаф Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот на 16 декември, откако минатиот месец се распадна коалицијата на Социјалдемократите, Зелените и Слободната демократска партија.

Последен ден изборна кампања за претседателски избори во Хрватска

илустрација
илустрација

До денеска на полноќ (27 декември) кога почнува дводневниот изборен молк, останува кандидатите за претседател на Хрватска да ги убедат гласачите дека еден од нив е најдобриот избор за следниот петгодишен мандат.

Дводневниот изборен молк пред изборите в недела на 29 декември ќе трае цела сабота и недела до 19 часот или до затворање на избирачките места, од кои 6755 ќе бидат отворени во Хрватска и во странство.

Осум кандидати учествуваат на осмите претседателски избори од независноста, в недела на 29 декември.

Тоа се актуелниот претседател и кандидат на СДП и нејзините партнери Зоран Милановиќ, кандидатот на ХДЗ и нејзините партнери Драган Приморац, кандидатот на Мост, Миро Буљ, кандидатот на Можемо! Ивана Кекин, кандидатката на Партијата за дом и национално обединување (ДОМИНО) Бранка Лозо, и независните кандидати Марија Селак Распудиќ, Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.

Додека е на сила молкот, се забранува секаква изборна кампања, објавување проценки за изборните резултати, како и објавување на претходни, неофицијални изборни резултати.

Забрането е и објавување фотографии на кандидати во медиумите, нивни изјави и интервјуа, како и цитирање на нивните изјави или пишани трудови.

Иако не се предвидени казни за прекршителите на претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) ги повикува кандидатите, партиите што ги поддржуваат и другите правни и физички лица да го почитуваат изборниот молк.

Официјалната кампања започна на 11 декември, но беше одбележана со трагедијата во основното училиште „Пречко“ и божиќните празници, што ги натера кандидатите да ги прекинат или да ги забават своите активности.

Затворени две јавни претпријатија на северот на Косово кои работеле во системот на Србија

Косово: Косовската полиција затвори две српски јавни претпријатија во Северна Митровица
Косово: Косовската полиција затвори две српски јавни претпријатија во Северна Митровица

Две јавни претпријатија кои работеа во Северна Митровица во српскиот систем - Дирекцијата за станбен и стопански простор и Дирекцијата за градежно земјиште, беа затворени на 26 декември.

Заменик-директорот за регионот север, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа изјави дека локалните власти побарале помош за да „ослободат некои канцеларии“.

Овие простории вообичаено се наоѓаат во станбена зграда во Северна Митровица и засега не е јасно кој е сопственик на просториите каде функционирале овие фирми.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на својот Фејсбук профил напиша дека се затворени институциите кои „незаконски наплатувале услуги на граѓани и бројни фирми за користење на објектите под нивно управување“.

„Оваа злоупотреба е извршена под знамињата и грбот на Србија. Освен што денеска беше затворена, ќе биде целосно истражена“, додаде тој.

Заменик-директорот за северниот регион Ветон Елшани за РСЕ изјави и дека бил контактиран и надлежниот обвинител, откако било утврдено дека во тие простории работат „нелегални и паралелни структури“.

Тој додаде дека е отворен случај за „фалсификување документи“, а зградата во која се наоѓале просториите на овие јавни претпријатија ќе биде под полициски надзор до „разрешување на случајот“.

Тој смета дека косовските институции кои работат во српскиот систем се нелегални, поради што на почетокот на годинава почна да ги затвора.

Реагираше Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, која соопшти дека се „одземаат“ институциите на Србија на северот на Косово и дека таквите потези се „спротивни на важечките договори и договори“ постигнати во Брисел.

Израел нападна позиции на Хутите во Јемен

Чад над Сана откако Израел изврши напади на аеродромот во главниот град на Јемен, 26 декември 2024 година.
Чад над Сана откако Израел изврши напади на аеродромот во главниот град на Јемен, 26 декември 2024 година.

Израелската војска соопшти дека на 26 декември нападнала неколку цели во Јемен поврзани со движењето Хути, еден ден откако јеменските бунтовници поддржани од Иран извршија напад врз Израел.

Израелските напади го погодија меѓународниот аеродром во Сана и три пристаништа под контрола на бунтовниците долж западниот брег.

Телевизијата Ал Масира, која е под контрола на Хутите, соопшти дека во нападот на аеродромот загинале две лица, во нападот на пристаништето едно лице, додека 11 лица се ранети.

Покрај нападот врз воената инфраструктура во јеменските пристаништа Худајда, Салиф и Рас Канатиб, израелската војска соопшти дека ги погодила и електраните Хезијаз и Рас Канатиб.

Хутите постојано истрелуваа беспилотни летала и проектили врз Израел поради, како што велат, солидарноста со Палестинците во Појасот Газа. Покрај нападот во средата, Хутите во саботата извршија и напад со ракети и беспилотни летала, во кој во Тел Авив беа ранети 16 лица. Потоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека наредил уништување на инфраструктурата на бунтовничката група.

Нетанјаху во петокот по нападот рече дека Израел ќе ја продолжи својата мисија додека не заврши: „Ние сме решени да ја отсечеме оваа терористичка рака на иранската оска“.

Портпаролот на Хутите Мохамед Абдулсалам рече дека нападите, еден ден откако Хутите истрелаа проектил и два беспилотни летала кон Израел, се „ционистичко злосторство против целиот јеменски народ“.

Воениот суд на Пакистан затвори 60 поддржувачи на Имран Кан поради насилни протести

Полицајци испукаа гранати со солзавец за да ги растераат приврзаниците на пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) за време на протестот со кој се бара ослободување на поранешниот премиер Имран Кан
Полицајци испукаа гранати со солзавец за да ги растераат приврзаниците на пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) за време на протестот со кој се бара ослободување на поранешниот премиер Имран Кан

Пакистанскиот воен суд осуди 60 лица на затворски казни од две до 10 години поради насилните протести што избија по апсењето на поранешниот премиер Имран Кан во 2023 година, соопшти армиското медиумско крило на 26 декември.

Обвинетите, меѓу кои имаше и роднина на Кан, како и двајца пензионирани воени офицери, беа осудени во врска со напади врз воени објекти. По истите обвиненија на 21 декември беа осудени уште 25 лица.

Тие имаат право на жалба на казните, се вели во соопштението на военото медиумско крило.

Протестите избувнаа низ Пакистан во мај 2023 година, кога Кан беше уапсен за време на неговото појавување на суд под обвинение за корупција што тој и неговите поддржувачи гo негираат.

Илјадници приврзаници на Кан ограбуваа воени објекти и упаднаа во владините згради. Во немирите загинаа неколку луѓе, а десетици беа повредени.

Најмалку 1.400 демонстранти, вклучително и лидерите на Пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) на Кан беа уапсени по немирите. Но, само 105 од приведените се соочија со воени судења.

ПТИ ја осуди пресудата и рече дека судот ги прекршил правата на обвинетите.

Соединетите Држави изразија длабока загриженост за казните, додека Велика Британија наведе дека судењето на цивили пред воените судови „нема транспарентност, независна контрола и го поткопува правото на правично судење“.

Европската унија соопшти дека казните се „неконзистентни со обврските што Пакистан ги презел според Меѓународниот пакт за граѓански и политички права“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG