Вести
Ахмети- Нема потписи за СДСМ без писмени материјали
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Собранието изјави дека чекаат писмени материјали од СДСM за да свикаат средба на Централното претседателство и да одлучат за понатамошни чекори.
„Без да имаме писмени материјали, нема да има потписи од ДУИ. Прво треба да се види што ќе ни достават“, рече Ахмети.
Во однос на Платформата на Албанците тој истакна дека медиумите ја толкувале погрешно и дека тоа било само изјава на албанските партии во која немало план за голема Албанија или некакви етнички промени. На средбата со Хан, Ахмети повторно зборувал за петте опции кои ДУИ ги има на располагање, нагласувајќи го нивниот познат став дека на земјата и треба решение. Но, според него, не било какво, туку решени за стабилност, зајакнување на мирот, меѓуетничките односи и решение кое ќе осигура реформи и владеење на правото. Во моментов на средба со Хан е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а потоа ќе биде и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
види ги сите денешни вести
Студентски протест пред БИА во Нови Сад
Под слоганот „Пријателски писма, наместо пријателски разговори“, студентите кои на 11 јануари ги блокираа факултетите на Универзитетот во Нови Сад, организираа протестен митинг пред седиштето на Безбедносно-информативната агенција (БИА) во градот.
„БИА повеќе не мора да доаѓа на прагот на домот на учениците и родителите, бидејќи ние доаѓаме до нивниот“, рекоа студентите.
Студентите тврдат дека во последните недели тие и нивните родители биле под различни притисоци од БИА, во обид како што велат да ги заплашат и да ги натераат да се откажат од блокадите и протестите.
За да покажат какви треба да бидат пријателските разговори, поставија маса пред влезот на зградата на БИА, која ја обезбедуваат силни полициски сили и послужија кафе, чај и слатки.
Тие прочитаа писмо во кое ги повикуваат членовите на БИА да си ја вршат работата одговорно.
„Денес времето е убаво, поубаво од претходните денови, па решивме да одговориме на вашата покана за пријателски разговор. Кога тој се води на непозната локација, без лични работи и дополнителни информации, помеѓу две страни кои во никој случај не се рамноправни, атмосферата воопшто не е пријателска“, се додава во писмото.
За време на протестот студентите поставија голема „крвава тупаница“ пред влезот на зградата на БИА.
Овој пат студентите ги повикаа нивните родители, но и сите граѓани да им се придружат на протестот. Како што јавува репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), тие развиле голем транспарент на кој пишувало „Дојдовме на пријателски разговор“
Зеленски: Украина испрашува заробени севернокорејски војници
Украинските истражители испитуваат двајца севернокорејски војници заробени од силите на земјата во рускиот регион Курск, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Неговата објава доаѓа неколку дена откако Украина ја обнови својата офанзива во руската област Курск, во обид да ги задржи териториите што ги освои во август минатата година.
„Нашите војници заробија севернокорејски војници во Курск. Тоа се двајца војници кои иако се ранети преживеаја и беа однесени во Киев каде комуницираат со украинските безбедносни служби“, рече Зеленски во објавата на мрежата Телеграм на 11 јануари.
Објавата содржи и фотографии од војниците, за кои Зеленски вели дека се заробени, што е првпат украинските власти да објавуваат фотографии од заробени севернокорејски војници.
Зеленски, исто така, рече дека заробувањето на војниците не било лесно.
Тој тврди дека руските и севернокорејските сили кои се борат во Курск се обиделе да го сокријат присуството на севернокорејските војници, што вклучувало убивање на ранетите на бојното поле за да избегнат нивно заробување и испрашување во Киев.
Украинската безбедносна служба соопшти дека еден војник воопшто немал документи, додека другиот носел руска воена лична карта на име на маж од Тува, руски регион кој граничи со Монголија.
„Затворениците не зборуваат украински, англиски или руски, па комуникацијата со нив се врши преку корејски преведувачи во соработка со јужнокорејските разузнавачки служби“, се вели во соопштението.
Агенцијата соопшти и дека на војниците им била укажана медицинска помош во согласност со Женевските конвенции.
Москва минатата година испрати околу 11.000 војници во Курск за поддршка на руските сили во регионот, кој е делумно контролиран од украинските сили од август минатата година.
Висок украински воен претставник минатиот месец изјави дека неколку стотици севернокорејски војници, кои се бореле заедно со руските сили во Курск, биле убиени или ранети во борбите.
Обвинителството не дало позитивно мислење за условен отпуст на Мијалков
Во врска со условниот отпуст на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, Јавното обвинителство на 11 јануари соопштува дека никогаш не дало позитивно мислење ниту се согласило со неговото условно ослободување.
„Поради интересот на јавноста во врска со условниот отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков и неговото право да ја напушти државата, Јавното обвинителство појаснува дека ниту еднаш не дало позитивно мислење и не се согласило со условен отпуст на осудениот“, наведуваат обвинителите.
Соопштението на Обвинителството доаѓа откако портали и медиуми во Северна Македонија објавија видео кое го покажува поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и според нив дека тој бил снимен пред ресторан во Монако со луксузен автомобил, по што во јавноста и на социјалните мрежи се оттворија дебати дали тој смее да ја напушта државата со оглед дека против него се водеа неколку судски процеси.
Против Мијалков беа отворени низа судски процеси, како Таргет-Тврдина, Империја, Трезор и други откако речиси една деценија беше на чело на државната безбедносна агенција УБК, до мај 2015 година. Тој меѓу другото беше обвинет и осуден за незаконско прислушување на илјадници луѓе, вклучително и опозициски политичари и новинари, а подоцна и за обид за уништување на доказите. Мијалков во 2022 година беше ставен на црната листа на САД поради вмешаност во корупција,
Тој во мај 2024 година излезе од затворот во Струга, каде издржуваше затворска казна за случајот „Империја“. Ослободувањето следуваше по уважување на неговата жалба од Апелациониот суд Скопје и донесеното решение да биде ослободен под услов до 25 април 2025 година година да не стори ново кривично дело. Тој во случајот „Империја“ призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.
Од Обвинителството во денешното соопштение велат дека надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на Мијалков дал негативно мислење, а по донесената одлука со која му бил одобрен отпустот, обвинителот вложил и жалба која била отфрлена како недозволена.
„Надлежниот јавен обвинител при првостепеното одлучување за условен отпуст на осуденото лице Сашо Мијалков даде негативно мислење. По донесената одлука со која му беше одобрен отпустот, обвинителот вложи и жалба, меѓутоа таа беше отфрлена како недозволена, бидејќи во меѓувреме, со измени на Законот за извршување на санкциите објавени во Службен весник на 2 април 2024 година, од членот 254 е избришана одредбата која предвидуваше обврска решението за условен отпуст да се доставува до јавниот обвинител, а со членот 256 практично целосно беше одземена можноста на јавниот обвинител да се жали на одлуката за условен отпуст. Тоа значи дека од тие измени, јавниот обвинител ниту е известен ниту има можност да се жали на условниот отпуст“, стои во соопштението.
Обвинителите посочуваат дека надзорот врз Мијалков исклучиво го одредува Судот, бидејќи во мај 2024 година тој добил конечна одлука за условен отпуст, на која јавниот обвинител воопшто не можел да има влијание, ниту врз заштитениот надзор врз условно отпуштениот Мијалков.
„Кога станува збор за предметот “Трезор”, надлежниот јавен обвинител и таму ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа. Напротив, на 31.05.2024 година обвинителот даде негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19.06.2024 година вложи и жалба на решението на Кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во тој предмет е дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
УХМР: Вечер и утре обилни врнежи од снег
Управата за хидрометеоролошки работи најавува снежна ноќ со врнежи кои почнувајќи од север ќе преминуваат во снег, дури и во пониските места. До утринските часови, на многу локации ќе се формира снежна покривка.
Утрешниот ден (12.01) ќе донесе обилни врнежи од снег, особено во западните делови, каде локално ќе достигнат над 40 литри на квадратен метар.
Снежната покривка значително ќе се зголеми, со над 50 сантиметри на планините и над 20 сантиметри во југозападните делови.
Силен северен ветер и ниски температури ќе предизвикаат голомразица и снежни наноси.
Во Скопје, врнежите од снег ќе започнат вечерва и ќе продолжат утре, создавајќи снежна покривка која ќе расте во текот на денот.
Снег ќе провејува и во понеделник, а наредните денови ќе носат студено време со можност за слаби снежни врнежи.
Бајден вели дека Путин е во „лоша позиција“ по санкциите
Претседателот на САД во заминување Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „во лоша позиција“ откако САД и Велика Британија објавија нови координирани санкции против рускиот енергетски сектор поради војната во Украина.
„Навистина е важно да не му се даде никаков одмор“, изјави американскиот претседател за новинарите во петокот вечерта.
Владите на САД и Велика Британија во петокот објавија нови санкции против рускиот енергетски сектор, вклучително и Гаспромњефт, во обид да го прекинат „најголемиот извор на финансирање“ на Кремљ кој ја помага војната во Украина.
Бајден на прес-конференција рече дека санкциите може да доведат до зголемување на цената на бензинот.
„Но, тоа ќе има многу поголемо влијание врз капацитетот на Русија да продолжи да дејствува како што прави во водењето на војната“, рече тој, пренесува Бета.
Неколку дена пред инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, на 20 јануари, американското Министерство за финансии објави серија санкции против две големи руски компании во овој сектор, Гаспромњефт и Сургутнефтгас.
Талибанците го избегнаа муслиманскиот самит за образование на девојчињата
Тврдокорните талибански владетели на Авганистан ја избегнаа големата меѓународна конференција за образованието на девојчињата во муслиманскиот свет.
На 11 јануари, ниту еден талибанец не беше присутен меѓу претставниците на околу 50 земји со мнозинско муслиманско население на отворањето на дводневната конференција во пакистанската престолнина Исламабад.
„Досега Кабул не ни кажа ништо за овој настан“, изјави висок талибански дипломат за Радио Машаал на РСЕ.
Калид Макбул Сидики, пакистанскиот министер за образование, рече: „Никој од авганистанската влада не беше на конференцијата“, но тие беа официјално поканети на настанот.
Талибанската влада им забрани на тинејџерките да се школуваат веднаш по враќањето на власт во август 2021 година.
Оттогаш, исламистичката група воведе драконски ограничувања за работата, образованието и мобилноста на жените и покрај глобалнот противење.
Таа сега е единствената нација меѓу 57-те членки на Организацијата за исламска соработка која го забранува образованието на жените.
Забраната наиде на широко противење од Авганистанците и на меѓународно ниво.
„Целиот муслимански свет се согласи дека образованието на девојчињата е важно“, рече Мухамед ал-Иса, саудиски свештеник и генерален секретар на Муслиманската светска лига, кој го организираше настанот заедно со пакистанската влада.
„Оние кои велат дека образованието на девојчињата е неисламско грешат“, додаде тој.
Пријавени повредени во руската област Тамбов по нападот со дронови
Беспилотни летала удриле во две станбени згради во градот Котовск во областа Тамбов во западна Русија, при што биле повредени неколку лица, изјави рано на 11 јануари гувернерот на регионот.
Евгениј Первишов на Телеграм изјави дека неколку лица се здобиле со повреди од стаклени парчиња и дека се лекувани. Первишов рече дека зградите не се запалиле и претрпеле само мала штета.
Фотографиите и видео снимките од инцидентот, кои не се потврдени од РСЕ, беа објавени на интернет од локалните жители, кои велат дека немало сирена за воздушен напад пред да удрат беспилотните летала.
Руската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека беспилотните летала биле лансирани од Украина, но Генералштабот на украинската војска не пријави никакви напади со беспилотни летала врз руски региони.
ТАСС додаде дека властите во другите делови на Русија и на Крим кој е окупиран од Русија, исто така, пријавиле напади со украински беспилотни летала ноќта меѓу 10 и 11 јануари, вклучително и во регионот Краснодарски крај, источно од Крим. Експлозии се слушнаа и во регионите Курск и Воронеж во Русија.
Гувернерот на Воронеж, Александар Гусев, изјави дека ноќта меѓу 10 и 11 јануари биле соборени повеќе од 15 дронови. Нема жртви или материјална штета, рече тој.
Очевидци исто така објавија дека виделе пожар во пристаништето Новоросијск на Црното Море, а мостот што го поврзува руското копно со Крим бил затворен повеќе од три часа.
Гувернерот Вјачеслав Гладков изјави дека се уништени неколку дронови во областа Курск. Нема жртви, но оштетени се три приватни куќи, напиша тој на Телеграм.
Гувернерите на другите региони кои беа под напад со беспилотни летала не коментираа за каква било штета или жртви. Руското Министерство за одбрана, исто така, сè уште не известило за соборување на беспилотни летала.
Најмалку 11 жртви во пожарите во Лос Анџелес, растат критиките за властите
Најмалку 11 лица загинаа во бројните пожари кои изминатите денови го зафатија Лос Анџелес, но ветровите кои придонесоа за ширење на пожарите почнаа да слабеат.
Истовремено, се интензивираат дебатите за ефикасноста на спасувачките служби и одговорноста на властите.
Големи делови од вториот по големина град во Соединетите Американски Држави (САД) се опустошени. Уништени се околу 10.000 згради, а во пожарите беше зафатено повеќе од 14.000 хектари земјиште.
Како одговор на широко распространетите грабежи во уништените или евакуираните области, властите во најтешко погодените сектори Пацифик Палисадес и Алтадина воведоа полициски час од 18 часот до 6 часот наутро.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, укажувајќи на големата штета, повика на целосна независна истрага на службите за дистрибуција на вода во градот.
Демократски функционер го опиша како „длабоко вознемирувачки“ недостатокот на водоснабдување и губењето на притисокот на хидрантите во раните моменти на пожарот, што придонесе за негово ширење. Тој во отворено писмо наведе дека се потребни одговори за да се знае што се случило.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека тоа го потсетува на воените сцени со бомбардирања.
Најголемиот пожар, меѓу петте сè уште активни, уништи повеќе од 8.000 хектари земјиште на брегот на Малибу и богатиот кварт Пацифик Палисадес, каде што пожарникарите потврдија дека почнале да го контролираат пожарот.
Ветерот се намали во петокот, што им овозможи на пожарникарите да работат. Сепак, во петокот вечерта беше наредена нова евакуација во областа Палисадес.
Стотици илјади луѓе беа евакуирани низ Лос Анџелес. Војската беше распоредена и десетици луѓе беа уапсени за грабежи.
Пред одлуката за воведување полициски час, жителите патролираа за да го заштитат имотот.
Жителите на Калифорнија се повикани да штедат вода откако некои резервоари со кои се снабдуваат противпожарни хидранти беа испразнети за време на напорите за гаснење на пожарот.
Федералната управа за авијација (ФАА) најави истрага откако дрон погоди и оштети хеликоптер. Штетите од овие пожари би можеле да бидат највисоки што некогаш случиле од ваков вид во САД.
Украина пријави руски напади со дронови, Москва обвини за напад во Тамбов
Русија во текот на ноќта лансираше 74 беспилотни летала во Украина, соопштија во саботата киевските воздушни сили, додека истовремено Москва тврди дека Украина со беспилотни летала нападнала неколку руски региони.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека биле соборени 47 руски беспилотни летала, додека други 27 исчезнале од радарите и не стигнале до своите цели.
Забележано е дека згради и возила во седум различни региони биле оштетени од паднатите соборени дронови, но дека нема жртви.
Од друга страна, Москва на 11 јануари објави дека украински беспилотни летала погодиле две станбени згради во регионот Тамбов, при што биле повредени најмалку три лица.
Регионалниот лидер Евгениј Первишов на Телеграм напиша дека беспилотни летала погодиле две куќи во градот Котовск, на околу 480 километри југоисточно од Москва.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека пресретнало и уништило 85 украински беспилотни летала синоќа во неколку региони на земјата, вклучувајќи 31 беспилотно летало над Црното Море, по 16 во регионите Воронеж и Краснодар и 14 над Азовското Море.
Руската авијација соопшти дека аеродромите во градовите Казан, Нижнекамск и Уљановск, во регионот на реката Волга, привремено ги прекинале летовите. Летовите подоцна беа прекинати и од градот Саратов.
Русија во петокот ја обвини Украина за ракетен напад врз супермаркет во градот Доњецк во источна Украина, кој е под руска контрола.
Десетици загинати во воздушен напад на хунтата во Мјанмар
Десетици луѓе беа убиени оваа недела во воздушен напад на воената влада на Мјанмар во западната држава Ракин, соопштија Обединетите нации, додека граѓанската војна во земјата во Југоисточна Азија се приближува кон својата четврта година.
Цивилната влада во сенка и Армијата Аракан, етничка милиција со седиште во Ракин која се бори за автономија на регионот, исто така известија дека во нападот загинале десетици луѓе.
Хунтата во средата попладне го нападна селото Кјаук Ни Мав во населбата Јанби, уништувајќи околу 500 домови и убивајќи повеќе од 40 луѓе, соопштија од Владата на национално единство и ОН.
Хунтата ги отфрла обвинувањата за злосторства против цивили, инсистирајќи на тоа дека се бори против „терористите“.
Армијата на Аракан ги објави имињата на 26 муслимански селани за кои рече дека биле убиени, додека 12 биле повредени во нападот.
Кампањата за крвави пари „Blood Money Campaign“, коалиција на активисти во Мјанмар кои работат на запирање на приходите на хунтата, ги повикаа меѓународните влади брзо да ги санкционираат субјектите што ја снабдуваат со авионско гориво.
„Само кога ќе престане оваа поддршка, воздушните напади навистина ќе престанат“, рече Мулан, портпарол на коалицијата.
Мјанмар е во превирања откако војската ја собори избраната влада на нобеловката Аунг Сан Су Чи во 2021 година, што предизвика масовни протести кои ескалираа во широко распространет вооружен бунт на повеќе фронтови.
ОН ги повикаа сите страни да се придржуваат до нивните обврски според меѓународното хуманитарно право.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете