Достапни линкови

Што ќе донесе Хан во дипломатската папка?


Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија
Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија

Во пресрет на утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан, тивко и денеска продолжуваат внатрешните консултации за можен договор меѓу СДСМ и ДУИ околу прашањето за мнозинство во парламентот.

Внатрепартиските консултации и денеска продолжуваат за конкретизирање на преговарачките позиции и можен договор меѓу СДСМ и ДУИ, велат од СДСМ. Од двете партии се уште не прецизираат кога ќе биде следниот состанок, ниту дали се блиску до некаков договор.

Аналитичарите очекуваат интензивирање на внатрепартиските разговори пред утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан кој на маргините на министерскиот состанок за енергетика, ќе одржи и одвоени средби со лидерите на политичките партии кои освоија мандати на предвремените парламентарни избори.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека посетата на Хан ќе служи за укажување дека е потребно што е можно побрзо да се направи влада, без при тоа да сугерира како политичарите да го изведат тоа.

„Верувам дека партиите ќе го чекаат крајниот рок за да се договорат, а од друга страна верувам дека Хан ќе придонесе за нивниот договор. Не верувам дека тој ќе сугерира кој со кого да коалицира, но мислам дека може да инсистира на што поширока влада, затоа што сите фази од Пржинскиот договор до сега тешко одеа, “ вели Демири.

Тој објаснува дека, според него, широка влада не подразбира и учество на ВМРО-ДПМНЕ во неа.

„Сега дали е можна широка коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ, јас мислам дека не е можно, затоа што оваа влада што до вчера функционираше се обиде да направи еден таков исчекор, но тоа не се оствари“ вели Демири.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ЕУ била и останува партнер на Република Македонија, но одлуките во Македонија ги носи само македонскиот народ и сите граѓани на Македонија кои на избори ја даваат поддршката и гласаат кој да ја води државата и во кој правец треба да се движи државата

„Очекуваме ЕУ да ја разбере и почитува волјата на мнозинството Македонци, бидејќи се останато ќе биде вовед во уште подлабока криза“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ денеска не коментираат за нивните очекувања во врска со утрешната средба со Хан.

Во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ,пак, по средбата на лидерот на партијата Никола Груевски со турската амбасадорка во Скопје Еркал Кара, ги демантираат тврдењата во јавноста дека причина за несогласуваата со ДУИ биле барањата околу СЈО.

„При тоа беше нагласено дека не е точно оти тоа беше причината за непостигнување на договор за коалицирање на ДУИ, иако очигледно е дека на ДУИ и одговара така да ја претстави работата. Во реалноста всушност освен што на почетокот се констатира дека по ова прашање имаме различни позиции, над 95 отсто од времето за разговори беше посветено на дебата околу барањето на ДУИ за измени на законот за употреба на јазиците, каде беа и главните разлики“ се наведува во партиското соопштение.

Во вчерашното соопштение пак, по средбата на лидерот на партијата Никола Груевски со амбасадорката на ОБСЕ Нина Соумалаинен, порачуваат дека партиите кои ќе формираат влада без ВМРО -ДПМНЕ мора да ја преземат одговорноста за проблемите кои ќе произлезат ако, како што велат, се игнорира волјата на мнозинството граѓани. Тие додаваат дека не смее да се прекрши принципот на коалицирање на победниците од македонскиот и албанскиот електорат.

„Доколку сега се отстапи од тој принцип, и свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе оцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави“ е наведено во нивното соопштение.

Од друга страна, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов вели дека тие очекуваат утрешната посета на еврокомесарот Хан да ја потврди изборната волја за промени.

„Очекуваме само да се потврди дека Македонија, на кредибилните избори оддржани на 11-ти декември, гласаше за промени на оваа власт и да се потврди заложбата за формирање на политичка влада која ќе ги спроведе неопходните реформи“, изјави Шилегов.

Очекувањата на БЕСА се оптимистични.

„Од утрешната посета на комесарот Хан очекуваме барем малку да му се даде нов импулс во решавањето на политичката криза во Македонија, но за да не прејудицирам, по средбата со него утре ќе ве информираме подетално,“ вели Зеќирија Ибраими од БЕСА.

Основниот повод за посетата на Хан е состанокот за енергетика во рамките на процесот „Шест западнобалкански држави“, на кој ќе учествуваат министри за надворешни работи и за енергетика и економија. Меѓутоа на маргините на овој состанок се предвидени и средби со политичките лидери во Македонија.

Ова е прва посета на Хан по предвремените избори на 11 декември. Последен пат беше во Скопје во октомври. Во неодамнешното обраќање пред парламентарното Собрание на Советот на Европа, Хан рече дека очекува во Македонија брзо да се формира влада, поддржана од широко парламентарно мнозинство, која ќе ги спроведе итните реформи со што ќе се отворат европските перспективи за земјата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG