Звучи апсурдно, но во дадениве услови и повеќе од реално. Еден млад, но докажан автор, чие дело патем ќе добие ронки од погачата наречена Годишната програма на Министерството за култура, на социјалните мрежи, забележува дека е привилегија да се најдеш на списокот на оние чии дела и проекти не се подржани, отколку да си да речеме на „другата страна“. А, лавината реакции на културните дејци продолжува со несмален интензитет.
Ненад Стевовиќ од ИЛИ-ИЛИ, откако ќе констатира дека на Конкурсот за издаваштво од национален интерес на Министерството за култура не е прифатен ниту еден нивни домашен автор, истакнува дека тоа е повеќе од зачудувачко бидејќи токму преку оваа издавачка куќа многу млади творци ја доживеаја својата афирмација. Ја потврдија својата вредност, пред сè преку конкурсите за Роман на годината на Утрински весник каде што имаат и добитници, а останатите биле во финалето на оваа престижна награда.Од таму, како што вели, доколку се работи за книжевна вредност, тука не постои никаков аргумент. Дека сe сè тоа автори коишто ја потврдиле својата книжевна вредност.
„Сметам дека се работи за една злонамерна пресметка со младата и талентирана Македонија. Со авторите коишто се талентирани, коишто се самомислечки, коишто се различни. Една злобна и иронична пресметка со оние што не се по волја на оние што ја имаат моќта да одлучуваат“, вели тој.
Поетот Тихомир Јанчовски истакнува дека ова не е ништо ново. Дека се продолжува една пракса долга неколку децении. Дека се финансираат главно слаби дела – книги кои никој не ги чита, филмови што прават само финансиски загуби, претстави што се играат само по неколку пати. Дополнува дека згора на тоа, а кога станува збор за книжевноста, се работи за толку мали средства што сите тие пријавени книги, на пример, би можеле да се отпечатат само со дел од парите одвоени за еден десетти дел од финансирањето на еден филм. Тој сугерира дека конечно во комисиите што решаваат треба да седнат и млади, но потврдени автори, а не како досега стари и честопати „анонимни“– некои кои мислат дека со тоа го достигнале плафонот во кариерата и дека сега „треба да гледаат од позиција на власт“ и да им делат средства на своите познаници и истомисленици.
„Кај нас да се добие средства од Министерство, а се работи за мали средства – за неколку стотици евра, е како да си добил некоја значајна награда. Тие работи мора да престанат. Не може вечно претседатели на комисии да се возрасни луѓе, недокажани автори со сомнителен квалитет“, вели тој.
Сликарката Касиопеја Наумовска појаснува дека и во однос на ликовната дејност Годишната програма на Министерството за култура не донела ништо неочекувано. Дека повторно и во претстојниов период ќе се соочуваме со поразувачки резултати.
„Многу автори коишто се со голем ликовен багаж, авторитет и квалитет, коишто многупати во животот биле наградувани или заслужиле некакво еснафско признание, не добиваат средства за реализација на изложба или проект и публиката за жал оваа година ќе биде осакатена од една убава ликовна сцена. Се појавуваат нови, сосема непознати автори коишто се сосема под ниво на еден аматеризам, а добиваат средства за реализации на самостојни изложби во домовите на култура“, вели таа.
Режисерката Нела Витошевиќ, пак, говорејќи за резултатите од Програмата за драмска дејност во областа на културата, вели дека Министерството за култура и понатаму тенденциозно ги бојкотира сите негови неистомисленици. Вели дека не дека било поинаку и во изминативе години, но оти овој пат тој бојкот е толку транспарентен што го достигнува својот врв.
„На овој начин Министерството не само што го спречува развојот на македонската театарска култура, туку е и одговорно за уништување на кариерите на многу млади талентирани луѓе, како и за негирање на веќе признаени авторитети кои тие низ годиниве упорно се трудат да ги избришат од театарската историја а нели за сметка на тоа пишуваат некоја нова своја историја“, вели таа.
Таа смета дека живееме во држава каде културата е партизирана, па следствено на тоа проектите им се делат само на партиски послушници и Министерството се труди да воздигне некои нови анонимуси за коишто културната јавност и не слушнала.
Од друга страна, Витошевиќ ќе рече дека за неа има уште две други работи коишто се крајно спорни во годинашната театарска програма. Првата е дека театрите се преплавени со странски режисери што подразбира дека за сметка на нив отпаѓаат бројни домашни творци, а втората дека во целокупната Програма се подржани само четворица македонски драмски автори што не оди во корелација со прокламираниот приоритет дека треба да се крепат и да им се даде поддршка на македонските текстови и развојот на националната драматургија.
Во тој контекст, не чуди кога драматургот Горјан Милошевски потенцира дека кога зборуваме за проектите од драмската дејност мора еднаш и засекогаш да функционираат уметничките совети и да се утврди нивната позиција. Дека Советот мора да биде аналитичен, непристрасен и да каже кој проект е битен да се работи и зошто во одредената година. Дека во советите неопходно е да се уважи мислењето и да бидат дел токму драматурзите.
„Во цел свет тие се дел од создавање на годишна програма на еден театар. Не е природни директорите да имаат примарна позиција. Не е логично нивната одлука да биде и над комисијата во министерство. Таа комисија треба да биде еден мал уметнички совет од недопирливи објективни членови кои ќе дадат шанса на проекти што обработуваат актуелни проблеми, не само од национален интерес, кои допираат до публиката насекаде и кај нас ама денес. Македонските автори треба да се што повеќе застапени во секој театар и дом на културата. И тоа секоја година“, вели тој.