Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сигнализираат нова влада


Архивска фотографија-Седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ
Архивска фотографија-Седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Во последната недела од уставниот рок за формирање влада, аналитичарите имаат спротиставени мислења за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе успеат да формираат влада. Од партиите не откриваат детали до каде се преговорите.

Во последната недела од уставниот рок за формирање влада не се открива многу за тоа до каде се преговорите.

„Ќе ве информираме кога ќе има нови моменти за во јавност“, кратко одговора портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски не откривајќи никакви детали.

Според претходните најави од функционери во партијата на Груевски, неделава, односно како што рече поранешниот претседател на собранието Трајко Вељаноски, од 23 до 29 јануари, ќе се затворат сите отворени прашања. Главно тие се поврзани со продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство и употребата на албанскиот јазик.

Политичкиот аналитичар Александар Даштевски смета дека ќе се приближат ставовите и ќе се формира влада, а отворените прашање ќе се решаваат натаму преку работни групи во собранието.

Тој е дециден дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прави отстапки за мандатот на СЈО, но поради неможноста сами да формираат влада смета дека ќе се направат отстапки во однос на барањата на ДУИ.

„Има можност на пример ДУИ да го добие министерството за финансии, на тој начин би било решено контролирањето на финансиите во тие предели каде што живеат Албанци, а има можност за уште измени во законот за јазици каде што се предвидени уште повеќе права за употреба на албанскиот јазик“, вели Даштевски.

Во меѓувреме двете партии испратија пораки кои според Даштевски може да се сметаат за сигнали за идна коалиција. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за косовскиот весник Газета експрес рече дека тој нема никаков проблеми кога ќе се сретне со Албанците, но дека главниот проблем се медиумите кои измислувале. Со Ахмети направивме многу значајни дела за граѓаните а во преговорите ќе се настојува да се направи влада со ДУИ врз основа на принципи за фер односи во добро и во лошо, нагласи Груевски.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи пак рече дека важно е да се почитува мајскиот договор, односно принципот за коалицирање на победничките партии од двата блока и ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.

Според аналитичарот Алајдин Демири, пак, овие изјави се само обид да се сокрие суштината зошто двете партии не може да формираат влада.

„Таа коалиција е невозможна од принципиелни причини. Целата приказна ќе беше поинаква ако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ освоеја повеќе пратеници, но состојбата на губитници ги стави во таква положба да се вратат на почетните основи, особено ДУИ и тука го бара спасот“, вели Демири.

Инаку, според јавните информации претседателот на ДУИ Али Ахмети досега одржа една средба со мандатарот Груевски и една со претседателот на СДСМ Зоран Заев. До недела, односно до 29 јануари мандатарот треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Ако не успее одлуката што ќе се случува понатаму треба да ја донесе претседателот Ѓорге Иванов.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска изјави дека по 29-ти јануари, очекува тој да го добие мандатот за состав на новата влада.

Заев: Очекувам по 29 јануари, мандатот да го добие СДСМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:01 0:00

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG