Достапни линкови

Успешна економија, а најниски плати!


Архивска фотографија - работнички во Текстилна фабрика во Прилеп.
Архивска фотографија - работнички во Текстилна фабрика во Прилеп.

Залудни се фалбите дека имаме успешна економија, кога работниците земаат најниска просечна плата во регионот. Поради малите плати луѓето бегаат во странство, а на политичарите им одговара граѓаните да бидат помалку платени за да може да манипулираат со нив. Едно од решенијата на проблемот е зголемен економски раст.

Според стручната јавност, последниот податок дека Македонија има најниски просечни плати во регионот, зборува за лошата економска состојба и ги фрла во вода пофалбите од реномирани институции дека сме во топ десетте економии за водење бизнис или дека имаме добри економски показатели и резултати.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека е поразително тоа што наместо да се подигнува нивото на просечна плата, од година на година се намалува, а на тоа не реагираат ниту синдикатите.

„Залудни се фалбите дека Македонија има одлична економска клима, дека таа е привлечна за инвестирање, кога на крајот на краиштата кога ќе се види колкава е платата во земјава, се друго паѓа во вода. Мислам дека за ниското ниво на просечната плата одиграа улога и ниските плати во слободните економски зони, каде што има големи странски вложувања, а најниски плати на вработените,“ изјави Најдовски.

За разлика од Најдовски, извршниот директор на Северозападна комора на Македонија, Фатмир Битичи, вели дека пофалбите не паѓаат во вода бидејќи инвеститорите навистина имаат поволни услови за водење бизнис, а притоа имаат минимални трошоци за работната сила.

„Значи започнувате со 15 000, 18 000 илјади денари, односно со иста плата како и денеска. И во суштина тоа ви дава како странски инвеститор одредена гаранција дека нема да имате големи движења од аспект на давачките за човечките ресурси,“ вели Битичи.

Проблематично е тоа што во земјава во последните 15 години платите се минорно зголемени, предупредуваат економистите. Ваквиот тренд на политика кон платите води до намалување на работната сила која бега од државата и бара други решенија, вели Битичи, според кој и на домашните политичари им одговара граѓаните да бидат помалку платени за да можат полесно да ги манипулираат и да ги претворат во гласачка машинерија.

„Не може една просечна плата која е на маргина од 60 проценти од потрошувачката кошница да кажете дека е добра. Ние во Македонија имаме потрошувачка кошничка на прагот од 32.000 денари, а имате просечна плата од околу 22.000 денари“, вели Битичи.

Најдовски смета дека едно од можните решенија за овој проблем е зголемено ниво на економски раст, односно развивање на стопански гранки кои имаат поголема продуктивност.

„За жал ние стануваме земја во којашто сè повеќе имаме стручни профилирани кадри. Оние високо образовани што можат да придонесат за економскиот развој и коишто повлекуваат повисоки плати, се отселуваат во странство поради вкупниот амбиент во државата. Еден дел кој останува тука се профили кои не се барани на пазарот на труд и тие се принудени да работат не по своја струка и за минимални плати," вели Најдовски.

Во немањето политичка волја и погрешните економски политики економистите ја гледаат вината за најниската просечна плата. Праведните економски политики раѓаат добри одлуки коишто можат да ги развиваат човековите ресурси и конкурентноста на компаниите, а следствено на тоа и платите ќе се зголемуваат, сметаат нашите соговорници.

Според анализата, освен што е најмала во регионот, просечната плата во Македонија лани е помала за 9,20 евра, во споредба со крајот на 2015 година. Највисока просечна плата во регионот е исплатена во Словенија и изнесува 1.020 евра. Најниската исплатена плата е во Македонија и изнесувала 363, 80 евра.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG