Достапни линкови

Река - Албанија не ви се меша, туку се грижи за Албанците во странство


Река - Албанија не ви се меша, туку се грижи за Албанците
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:30 0:00

Река - Албанија не ви се меша, туку се грижи за Албанците

Албанија има уставна обврска да се грижи за сите наши сонародници кои живеат надвор од територијата на земјата. Не се работи за мешање во внатрешните работи на Македонија, туку за консултации со политичките лидери на Албанците од Македонија, вели албанскиот амбасадор, Фатос Река, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Река, дали собирот на лидерите на албанските партии од Македонија во Тирана на средба со албанскиот премиер Еди Рама, е мешање во внатрешните работи?

Од наша гледна точка сигурно дека ова не претставува никакво мешање во внатрешните работи на Македонија, поради фактот што албанските политички партии од Македонија, како што знаеме сите, по предвремените избори од 11 декември од минатата година го имаат резултатот кој веќе се знае. Несомнено албанските политички партии во овој случај имаат една предност во однос на појавување на можниот сојузник во составување на владата, на нивните барања, чиј еден дел, проследено од Охридскиот договор, останале сè уште нереализирани. Владата и албанската држава имаат уставна обврска да се грижат за сите наши сонародници кои живеат надвор од територијата на Албанија и во ова прилика албанските политички партии отишле да се консултираат во Тирана, исто и во Приштина, со претседателот Тачи. Како што нагласил и премиерот Рама, за Албанците, за Албанците во Македонија, не се толку битни фотелјите на власта, значи за учество во владата, за заштитата на сите права на Албанците во согласност со Уставот на Република Македонија и на Рамковниот охридски договор.

Ако не е мешање, тогаш како би го дефинирале?

Што значи мешање? Затоа што не успеав да ја сфатам... Оваа платформа на политичките партии на Албанците е составена од нив самите и за Република Албанија не е важно кој ќе биде во влада и како ќе се формираат коалициите; таа е една внатрешна работа на политичките партии од Македонија, било да се од албанскиот етникум, или од македонскиот етникум. Важно за Република Албанија е населението од албанскиот етникум, кое живее во своите простори во Македонија, да ги има неговите максимални права, за да живее рамноправно со другите етникуми, вклучувајќи го и македонскиот.

Дали консултацијата на трите лидери со Рама ги доведува во прашање капацитетите на албанските политичари во Македонија да ги арктикулираат отворените прашања?

Aпсолутно, албанската влада не го става под знак прашалник политичкиот капацитет на албанските политички партии во Македонија. Секоја албанска партија во Македонија ја има својата политичка слобода, својата политичка програма, својата изборна програма која се обелодени за време на изборната кампања и како резултат на што тие ги добија гласовите од нивниот електорат. Исто така, Република Албанија во никој случај не покажала ниедно патерналистичко чувство кон Албанците кои живеат во нивните територии во Македонија, во Црна Гора, или каде било. Напротив, тоа едноставно беа консултации просто за унифицирање на албанскиот фактор, кој досега делуваше врз база на нивните проекции во партиите и ова е еден многу добар знак за прв пат во овој случај, ситуацијата да се доведе до тоа албанските политички партии да се состанат заедно и да ги унифицираат нивните ставови во однос на правата и обврските кои ги имаат како државјани на Република Македонија.

Дали стравувате дека ваквата ситуација може да предизвика етничка поларизација во Македонија?

Јас, според моето искуство од година и половина овде во Македонија, немам ниту најмало сомнение дека нема да има никаква етничка загриженост, затоа што политичките партии во Македонија - како тие од албанскиот етникум, така и од македонскиот етникум - ќе знаат самите да ги изменаџираат ситуациите, за да избегнат секаков вид на етничко незадоволство и тоа, што е позначајно за овие избори од 11 декември од минатата година, е фактот што многу албански гласачи го дале нивниот глас на една партија од македонскиот етникум, што покажува дека самите етникуми знаат да се разберат меѓу себе и гласачите ги бираат најдобрите програми за нивниот глас да го дадат на партијата која ги претставува што подобро нивните права.

Добро, еве хипотетички, како би реагирала Тирана доколку лидерите на Македонците во Албанија дојдат на консултации во Скопје со македонскиот премиер за градење на заедничка платформа пред или по избори во Албанија?

Практиката на минатите избори во Македонија најдобро покажа дека Република Албанија немала апсолутно никаков вид на предрасуда за гласачите од македонското малцинство кои дошле и гласале и тука во Скопје и во другите градови на Македонија. Тоа, просто, е еден вид згрижување кое владата на Македонија во претходниот случај го има покажано кон нејзините гласачи кои не живеат на македонска територија. Во ова насока Република Албанија апсолутно нема никаква предрасуда; напротив, овие елементи ги гледа како елементи на зближување помеѓу двата наши народи, затоа што, како македонското малцинство што живее во Република Албанија, така и албанскиот фактор кој живее во своите краишта во Македонија, служел, служи и ќе служи како мост за комуницирање помеѓу двете наши земји.

Зошто министерот за надворешни работи Бушати го користи терминот славомакедонци?

Ова е едно прашање што треба да му се постави на министерот Бушати. Јас не знам зошто го употребил тој термин. Го направил тоа просто за да направи разлика помеѓу македонските Албанци и словенските Македонци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG