Достапни линкови

Струја ќе има, но по каква цена


Луѓе се движат по снежни улици во центарот на Скопје
Луѓе се движат по снежни улици во центарот на Скопје

Марфиевите закони проработеа и со струјата - кога е најстудено се случува дефект во производството. Експертите велат дека нема да има недостиг, но може да има проблем со цената.

Увозот на струја поради недостатокот што се јави поради зголемената потрошувачка и поради хаваријата на еден од блоковите во најголемиот енергетски капацитет РЕК Битола, го отворија прашањето за стабилноста на енергетскиот систем, но експертите велат дека никој нема да остане без струја, иако предупредуваат дека се можни проблеми со цената.

Тие велат дека не е прв ниту последен пат да се случуваат несреќи, поради дефекти и ниски и температури и укажуваат дека покрај РЕК Битола такви проблем овие денови има и во Бугарија, Унгарија и во Србија, каде исто така има намалено производство поради отежнат ископ на јаглен и оти сето тоа прави одреден притисок ценита да расте.

Професор Константин Димитров од Центарот на енергетска ефикасност на Македонија, МАЦЕФ, ја опишува актуелната ситуација со хаваријата со популарните т.н. марфиеви закони кои се споменуваат кога нешто неочекувано тргнува наопаку. Но, тој нагласува дека имаме стабилна ситуација со снабдување со електрична енергија

„На сите што сме во секторот на термоенергетика ни е познато дека по т.н закони на Марфи дефектите во термоцентралите се случуваат секогаш кога е најстудено и на најниски температури. Задача на системот е да им обезбеди на граѓаните редовно снабдување. Ниедно домаќинство ниту пак, индустријата се исклучени затоа што има недостиг на електрична енергија. Тоа е основниот заклучок, значи има стабилно снабдување со енергија“, вели професор Димитров.

Според експертите, блоковите во РЕК Битола се стари и не може да се очекува да функционираат како пред 20 години кога се пуштени во погон, но додаваат дека тие се реновираат и функцинираат. Во првите два блока беше инвестирано, а во трeтиот блок е предвидена реконструкција.

Инаку, Македонија има и термоцентрали кои можеа да се вклучат, но според професор Димитров, она што се купува од мрежата е брзо и интервентно и нема да трае со месеци

„Ќе беше поскапо и подолго ќе траеше да ја палевме Неготино. Најмалку 30 часа е процесот на палање на термоцентрала и цената ќе беше идентична како оваа што ја набавивме преку ноќ. И нормално ќе биде нешто поскапо“, вели тој.

Претседателот на македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев вели дека ниските температури во Југосточна Европа и затворањето на капацитетите на далекуводите и можноста струјата да се донесе од Централна Европа кон југоисточна Европа може да влијаат врз зголемување на цената на струјата.

„ЕЛЕМ дали ќе успее ова сега што го троши како средства за купување на струја подоцна да го надомести со продажба на вишоци, ако ги има во пролетта, зависи од хидрологијата, тоа треба да го видиме на крајот на годината“, вели Анѓушев.

ЕЛЕМ ќе плати 1,9 милиони евра за 14.568 мегават-часови струја кои се наменети за да задоволат дел од потребите на тарифните потрошувачи во 5 дена.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG