Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во денешното интервју за Дневник, не одговори директно на прашањето дали за неговата партија се прифатливи барањата на трите албански партии кои ги испорачаа вчера. Од седумте точки кои ги испорачаа албанските партии, Груевски го коментира само сегментот со двојазичноста, истакнувајќи дека верува оти ДУИ се свесни дека, како што вели, платформата која им ја составуваа, политички може да му помогне најмногу на СДСМ кај албанскиот електорат.
„На Албанците во Македонија нема да им помогне ако имаат двојазичност на цела територија, вклучувајќи ги и Делчево, Берово, Гевгелија или Кавадарци. Ним може да им помогне ако во наредните четири години се отворат уште 100 или 150 нови фабрики и се вработат илјадници луѓе, ако стандардот почне да расте и имаат поубав и поквалитетен живот“, вели Груевски.
Од друга страна, пак, СДСМ сè уште молчи и до сега не излезе со став во јавноста за заедничката платформа на ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците.
Со реакција излегоа само од партијата Левица кои платформата ја опишаа како провокативна и беспредметна затоа што, според нив, време е во прв план да се постават најгорливите прашања кои ги засегаат етничките заедници во земјава, а тоа се социјалните права.
Инаку, Груевски во интервјуто испраќа порака до досегашниот коалиционен партнер ДУИ дека ако коалицира со втората наместо со првата партија, која победила на изборите, дека набрзо ќе возвратат на таквиот удар.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро, ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандати по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата“, вели Груевски во интервјуто.
Ова интервју следува откако вчера, трите албански партии, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците излегоа со заедничка платформа со која ќе настапат во преговорите за нова Влада. Утре е крајниот рок, кога претседателот Ѓорге Иванов треба да го одреди мандаторот на новата Влада.
Трите албански партии вчера објавија заедничка платформа со седум точки со која се залагаат за измена на Уставот во кој треба да се наведе дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“.
Во продолжение е посочено дека во Собранието ќе се залагаат за усвојување на Резолуција со која, како што велат, се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956. Дополнително ќе се залагаат и за сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб со цел, како што велат, државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.
Натаму во платформата велат дека ќе ја дадат својата поддршка на политичка партија со која ќе ги исполнат следните цели: целосна поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител, потоа целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот, целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта заедно со македонскиот јазик како официјални јазици во Република Македонија, постигнување економска рамноправност преку рамномерен регионален развој, како и решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право со вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.