Според објавените резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од прегласувањето во Теарце, СДСМ освои 245 гласа, ВМРО-ДПМНЕ 150, ДУИ 1, ДПА 1 Алијанса за Албанците 1 и ВМРО за Македонија 2.
Според овој резултат бројот освоени мандати од гласањето на 11 декември не е променет, односно ВМРО-ДПМНЕ останува на бројката од 51 мандат, а СДСМ 49.
На избирачкото место 2011 во Теарце во Избирачкиот список беа запишани вкупно 714 гласачи. На прегласувањето излегле 402 гласачи, односно 56,30 отсто.
ДИК донесе одлука да се повтори гласањето во Теарце врз основа на симулацијата со која се покажа дека прегласувањето може да влијае на бројот на освоени мандати и врз основа на одлуката на Управниот суд да ја прифати тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ и да донесе решение за поништување на гласањето на ова избирачко место.
ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на гласањето излезе со соопштение во кое наведе дека за нив изборите завршиле на 11 декември и дека остануваат посветени на идните чекори околу формирање нова влада.
„Денес, и ние како и целата јавност дознавме, дека и покрај сите напори, теарчани го спречиле обидот за постизборен инжинеринг. Им честитаме за тоа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата истакнуваат дека остануваат посветени на идните чекори околу формирање нова влада.
„Воедно остануваме на нашите ставови искажани во изјавата од 11 декември кога беа сумирани изборните резултати“, се додава во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Носителот на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата во ИЕ 6 Петре Шилегов изјави дека граѓаните на Теарце излегле храбро, достоинствено и кажаа дека е доста и дека ќе ја послушаат пораката што ја испратиле
„Таа е иста како што ја испратија останатите граѓаните во РМ, а тоа е дека ќе има одговорна влада што ќе воведе демократски промени во државата. Во Македонија ќе има ново владино мнозинство“, рече Шилегов.
Одговарајќи на новинарско прашање дали СДСМ веќе е во преговори со некои од партиите, тој истакна дека уште на почетокот на оваа мини кампања од три дена, рекол оти гласањето е симболично и не влијае во политичка смисла на зборот на тоа кој ќе ја состави владата. Неа, рече Шилегов, ќе ја предводи СДСМ.
Гласањето во Теарце се одвиваше мирно и без проблеми. Околу 9 часот имаше петнаесетминутен прекин поради проблеми со УВ-ламбите, но беа заменети и гласањето продолжи.
На гласачкото место беа набљудувачи од политички партии и од невладини организации, а имаше и присуство на припадници на полицијата.