Достапни линкови

Стадионот во Битола почна да се реконструира пред избори


Реконструкцијата на стадионот Под Тумбе Кафе во Битола почна неколку дена пред изборите
Реконструкцијата на стадионот Под Тумбе Кафе во Битола почна неколку дена пред изборите

Битолскиот градоначалник најави реконструкција на стадионот Под Тумбе Кафе уште пред скоро три години, но работите почнаа само неколку дена пред овие избори.

Долго најавуваниот проект за изградба на стадион под Тумбе кафе, досегашната власт почна да го реализира на неколку дена пред избори. Градежните машини урнаа дел од северната трибината, а изградбата се најави дека ќе заврши за две години. Градбата на стадионот ќе треба да ја продолжи другата локална власт, зашто мандатот на сегашната власт и градоначалникот Владимир Талески истекуваат на пролет.

Ваквиот градежен зафат пред избори предизвика реакција кај досегашната опозиција. Тие реагираат дека на битолчани подолго време им се ветува изградба на стадион, а наместо тоа и постоечкиот се руинира.

„Битола низ историјата претставувала симбол на Балканот за спорт, вистински расадник на таленти од кои произлегле многу врвни спортисти. Но, во последната деценија спортот во нашиот град е разнебитен, донесен на понижувачко ниско ниво. Стадионот „Под Тумбе кафе“ е руиниран, а спортската сала „Младост“ е нефункционална и незагреана. Објектите за спорт се предмет за манипулација и во моментот се користат за сè освен за нивната основна намена. Спортот во Битола тоне како Титаник“, изјави Петар Костовски од НСДП.

„Спортот во Битола е на најниски гранки во последните 30 години. Битола беше европски ракометен центар. Во Битола во континуитет имавме и квалитетен фудбал, кошарка, борење, врвен бокс, шах, атлетика, одличен пинг-понг, велосипедизам. После 12 години владеење во Битола без никаков срам деновиве повторно ни ветуваа стадиони и спортски сали“, рече Горан Милевски од ЛДП.

Талески целосна реконструкција на стадионот со капацитет од 12 илјади гледачи најави пред неполни три години, а реконструкција на една од трибините започна пред избори. Тој рече дека за нивен вкус ова е задоцнето, но доколку не беше политичката криза, реконструкцијата ќе беше побрза.

„Изминатиот период потрошивме многу време кое беше потребно за да се изработи проектот. Повеќе од два месеци Гранит е подготвен да интервенира на терен, но ги испочитувавме желбите на фудбалерите, тие на 30 ноември го имаа последниот натпревар. Влегуваме во една фаза која која можеби ќе беше многу понапредната доколку не постоеше политичката криза која се наметна во Македонија. Можеби за наш вкус е задоцнето, но го реализираме она што го ветивме“, рече Талески.

Тој додаде дека ова е историски момент зашто Битола ќе добие стадион кој долго време го заслужува.

„Гранит работи и има рамка некаде помалку од две години да заврши сè, финансиската конструкција е над 5 милиони евра која ја обезбедува општина Битола, значи цела северна трибина“, рече Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG