Достапни линкови

Неизвесно до крај, и Груевски и Заев прогласија победа


И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ слават победа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ слават победа

ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови од СДСМ, но ДИК не го соопшти распоредот на пратеници. И двете партии прогласија победи и излегоа на улиците во центарот на Скопје да прослават. Граѓанската асоцијација МОСТ, пак, соопшти дека се уште е рано за кој било да прогласи победа. Изненадување има во албанскиот блок, каде е забележано големо намалување на бројот на пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ освои околу 15 илјади гласови повеќе од СДСМ на предвремените парламентарни избори, покажуваат првичните резултати, информира три часа по полноќ претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Тој сепак не излезе со бројка на освоени пратенички мандати за партиите. Најави дека во текот на денов, по обработка на податоците, ДИК ќе излезе со конечни резултати и распоред на пратеничките мандати.

Претходно од ДИК оценија дека изборниот ден бил успешен и поминал беспрекорно.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја прогласи десетата изборна победа по ред, додека опозициската СДСМ соопшти дека по десет година доаѓа на власт. Изборите кои беа окарактеризирани како историски, се неизвесни до последно и затоа и двете партии прогласија победи и излегоа на улиците во центарот на Скопје да прослават. Граѓанската асоцијација МОСТ, пак, соопшти дека се уште е рано за кој било да прогласи победа.

Заев - Падна режимот со пенкало

Падна режим со пенкало, со глас, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обраќајќи им се на насобраните поддржувачи пред Владата на Македонија.

„Почитувани граѓани радувајте се, славете го животот, падна режим, падна режим. Навистина се историски моменти, покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат во оваа наша мултиетничка Македонија, дека Македонија ќе биде напредна, ќе биде слободна, единствена, слободна земја“, рече тој.

Заев рече дека, според нивните нецелосни податоци, СДСМ и коалицијата имаат еден мандат повеќе.

Обраќање на лидерот на СДСМ Зоран Заев пред Владата.
Обраќање на лидерот на СДСМ Зоран Заев пред Владата.

Симпатизерите на СДСМ извикуваа „Победа“ и „Шутка не ти бега Никола“, а се веселеа и на песната „Пада влада“ од Бајага.

Груевски - Оваа победа има посебна тежина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на прес-конференција во партиското седиште во Скопје, рече дека од скоро 89 отсто обработени гласови, ВМРО-ДПМНЕ освоиле 434 илјади гласови, додека СДСМ освоил 415 илјади. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ е победник на овие избори, рече тој.

„Денес победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но победи и Република Македонија“, рече тој прогласувајќи ја десетата победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата секогаш ќе бидат со народот.

„Како и да се свртат работите, што и да се случува, ова го кажуваме и пред, а сакам да го кажеме и после избори, дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и секогаш ќе остане на линијата на државните и национални интереси на Република Македонија и во корист на народот, на граѓаните на Република Македонија“, рече вечерва Груевски.

Тој рече дека оваа победа има посебна тежина, особено кога ќе се погледне низ што сè помина партијата и државата во изминативе две и пол години. Според Груевски, ВМРО-ДПМНЕ ја има константната поддршка од граѓаните, додека СДСМ добил значителна поддршка кај албанскиот електорат.

Помалку пратеници во албанскиот блок

Изненадување има во албанскиот блок, каде е забележано големо намалување на бројот на пратениците.

ДУИ победи на изборите, но Албанците изгубија мандати, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој сепак се радува што изборите поминале без проблеми, што според него, значи дека земјава оствари голем напредок и зрелост околу организирањето на слободни избори.

„Со гнев велам дека Албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат Албанците во прв ред, и не ме радува победата на ДУИ. ДУИ ќе остане одлучна во правец на одбрана на нејзината доктрина, која ја претстави пред Албанците во земјава“, изјави Ахмети.

Втора партија кај Албанците според освоените мандати е Беса, потоа следува Алијанса за Албанците, а четврта е ДПА.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи изјави дека целосно ја презема одговорноста за изборниот резултат на ДПА. Но, сепак во тоа има и една голема победа - конечно ДУИ ги загуби катастрофално изборите кај Албанците, рече Тачи.

МОСТ - Рано е да се прогласи победник

Граѓанската асоцијација МОСТ ги обработи сите избирачки места, но поради тоа што резултатот е премногу тесен не направи симулација на распределбата на пратеничките мандати. Дополнително, на распределбата на мандатите може да влијае и евентуалното прегласување поради забележаните нерегуларности.

„МОСТ заклучува дека двете водечки партии, по бројот на освоени гласови, се преблиску една до друга и оваа разлика во распределбата на мандати, во зависност од маргината на грешка којашто е изразена по секоја од изборните единици, влијае на тоа кој ќе освои најмногу мандати“, рече Дарко Алексов од МОСТ на прес-конфренцијата што ја одржа во 1:30 утринава.

Алексов рече дека ова се случува за прв пат и оти МОСТ е сериозна организација за во ваква ситуација да може да проектира мандати. Тој повика на трпение додека ДИК не ги објави првичните, а потоа и официјалните резултати од изборите, а ја повика и изборната администрација да ги истражи сите нерегуларности.

Од МОСТ претходно информираа дека според информациите кои ги имаат од набљудувачите и регионалните канцеларии забележани се неколку неправилности на гласачките места како што се непочитување на постапката на гласање, фотографирање на гласачко ливче и поткуп и агитација.

Цивил - Извонредно голем број нерегуларности

Извонредно голем број нерегуларности на изборите нотираат од невладината организација Цивил.

„Нерегуларностите беа последица на долгогодишно структурно насилство, нерегуларности кои беа последица на политичка дискриминација, широко распространета корупција и отсуство на владеење на правото“, рече претседателот на Цивил, Џабир Дерала.

Тој рече дека без разлика на изборниот резултат, набљудувањето на Цивил ќе биде значаен документ за тоа што се случуваше и што се случува со македонското општество. Катастрофалната состојба на избирачкиот список оневозможи голем број граѓани да гласаат.

„Фантоми и починати гласаа, а живи луѓе не можеа да гласаат, рече тој.

Дерала рече дека имало непрекинато кршење на изборниот молк, а биле забележани притисоци, уцени, полнење на кутии, семејно и групно гласање и поткуп на гласачи, а била попречувана и работата на набљудувачите на Цивил.

Изборниот ден помина безбедно со мали инциденти, оцени Јордан Ламаноски, помошник министер за односи со јавност во МВР на прес-конференција по завршување на изборите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG