Вести
ДУИ - Фер избори со мали нерегуларности
Портпаролот на ДУИ Бујар Османи вечерва, по завршувањето на гласањето, изјави дека предвремените парламентарни избори биле слободни, фер и демократски со мали нерегуларности кои не влијаат на конечниот резултат на изборите.
„Овој начин на гласање ДУИ го смета како прва нејзина победа, бидејќи секогаш кога ние сме на некој начин организатори на изборите, преку учество во владините институции, покажуваме како се организираат избори, овозможуваме граѓаните на достоинствен начин и слободно да ја изразат својата волја. Останува сепак најважната фаза од изборите, а тоа е пребројувањето на гласовите“, рече Османи.
Од ДУИ апелираат до сите нивни активисти и набљудувачи во изборниот процес, но и до сите граѓани да останат достоинствени и во оваа важна фаза од изборите. Османи рече дека „очекуваат длабока победа на денешните избори“.
види ги сите денешни вести
Борел: ЕУ мора да биде единствена и да не чека на одлуките на САД
Ако сака да покаже дека е политичка сила, Европската Унија мора да остане единствена и мора да дејствува, а не да чека за да реагира на одлуките на САД, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на шефови на дипломатии, на кои главни теми се состојбите во Украина и на Блискиот Исток и односите на блокот со САД.
„Ако не сте единствени не можете да покажете моќ. Ние не бевме единствени многу пати досега. Не можете да се преправате дека сте политичка сила ако ви требаат денови, недели и месеци за носење на некоја одлука за дејствување“, изјави Борел.
Тој нагласи дека негов апел до министрите за надворешни работи на ЕУ е да покажат единство во носењето одлуки, бидејќи Русија нема да запре со војната, ако тие размислуваат за тоа, туку треба да донесат одлука за поддршка на Украина.
„Секогаш кога ни требаше премногу време да донесеме одлука за поддршка на Украина, секогаш кога се двоумевме дали треба да направиме нешто или не, војната продолжуваше да се шири. Украинскиот народ има потреба од поголема поддршка. Мораме да ја обезбедиме таа поддршка, да престанеме да дискутираме и почнеме да дејствуваме побрзо“, рече Борел.
За телефонскиот разговор на германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот претседател Владимир Путин, Борел рече дека не знае за што разговарале.
„Сигурен сум дека тоа е во рамки на напорите за континуираната поддршка на Украина. Моја работа е да продолжам со поддршката за Украина и ништо друго освен тоа. Не ми пречи и не се грижам кој со кого разговара. Моја работа е да направам Советот за надворешни работи да ги следи одлуките што ги донесовме и што ги усвои Европскиот совет за поддршка на Украина за да можат Украинците да можат да пружат отпор“, рече Борел.
Запрашан дали тој лично би разговарал со Путин, Борел кусо одговори: „Мислам дека не“.
Тој додаде дека на повиците на мировни преговори, Путин одговара со зголемени напади со дронови врз комуникациската и цивилната инфраструктура во Украина, особено на електроенергетската, со што остава впечаток дека воопшто не сака да преговара.
Високиот претставник нагласи дека на заседанието на Советот ќе се разговара и за односите на ЕУ со САД, врз основа на новата „ситуација создадена“ по минатонеделните американски претседателски избори.
„Се соочуваме со сосема поинаков политички пејзаж. Европејците треба да бидат подготвени да дејствуваат, без да чекаат да реагираат на одлуките на САД“, порача Борел.
Во однос на состојбата на Блискиот Исток, Борел рече дека веќе се истрошени сите зборови што може да ги каже за случувањата во регионот, посочувајќи на податоците на ОН дека од почетокот на конфликтот во Газа се убиени околу 40 000 лица, од кои 70 отсто се жени и деца, при што најчести жртви се деца на возраст под девет години.
Сообраќајот меѓу „Кадина Река“ и „Зелениково“ во прекин откако товарен воз излетал од шините
Сообраќајот помеѓу железничките станици „Кадина Река“ и „Зелениково“ е во прекин откако вчера, во 21:37 часот, товарен воз излезе од шините, информира Регионалниот Центар за Управување со Кризи (ЦУК) Скопје, повикувајќи се на Македонски железници.
„Екипи од Македонски железници се на терен и работат на решавање на ситуацијата“, соопштуваат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека во несреќата нема повредени лица.
Ким Џонг Ун сака да ги прошири нуклеарните сили на Северна Кореја
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги повтори повиците за „неограничено“ проширување на воената нуклеарна програма на земјата за да се спротивстави на заканите од Соединетите Држави и други земји, објави државната новинска агенција Норт.
На брифинг со воени претставници во петокот, Ким ја осуди одлуката на Соединетите Држави да ја ажурираат заедничката стратегија за нуклеарна одбрана со Јужна Кореја, како и да ја зајакнат трилатералната воена соработка со Јужна Кореја и Јапонија.
Тој ја опиша соработката како „азиско НАТО“ што ги зголемува тензиите и нестабилноста во регионот. Ким ги критикуваше САД дека ја поддржуваат Украина, која се бори против руската инвазија.
Во последните месеци, Ким како приоритет го стави зајакнувањето на односите со Русија.
Вашингтон, Сеул и Киев соопштија дека повеќе од 10 000 севернокорејски војници се во Русија за да го поддржат Кремљ во неговата војна против Украина и дека некои од нив се вклучени во борбите во Курск, руски регион кој граничи со Украина.
Ким допрва треба директно да признае дека и доставува воена опрема и војници на Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден, јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба ја осудија одлуката на Северна Кореја и Русија за „опасно проширување“ на украинската војна на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Перу.
Администрацијата на Бајден и дозволи на Украина да користи оружје произведено од САД за да напаѓа длабоко во Русија, изјавија извори за Ројтерс, што означува значителен пресврт во политиката и одговор на руското распоредување на севернокорејски копнени трупи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека севернокорејските трупи претрпеле загуби во битката со силите на неговата земја, а првите битки меѓу нив „отвораат нова страница на нестабилност“.
Најмалку 11 загинати, 89 повредени во руски напад на Украина
Руски ракетен напад погодил станбена зграда во североисточниот украински град Суми, при што 11 лица загинаа, меѓу кои две деца, соопштија денеска (18 ноември) украинските власти.
„Осумдесет и девет лица, меѓу кои 11 деца, се повредени во нападот доцна навечер во неделата“, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби.
Нападот во Суми уследи по повеќекратното руско бомбардирање на електричната мрежа на Украина во неделата наутро.
Киев објави дека Русија употребила 120 проектили и 90 беспилотни летала за време на тие напади, во кои загинаа седум лица.
„Неделната вечер стана пекол за градот Суми, трагедија што Русија ја донесе во нашата земја“, рече Володимир Артиух, шеф на воената администрација на Суми.
Воената администрација соопшти дека уште еден ракетен напад ја погодил електричната мрежа, оставајќи го градот без струја.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека руските сили користеле ракети Искандер-М и ракета Кх-59 на далечинско управување за време на ноќниот напад.
Повеќе од 400 луѓе се евакуирани од градот, соопштија од итните служби.
Регионалното обвинителство во Суми соопшти дека во овој напад биле оштетени 90 станови, 28 автомобили, две образовни институции и 13 згради.
Захарова не ја коментира наводната одлука на САД да и дозволат на Украина да напаѓа длабоко во Русија
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, не сакаше да ги коментира медиумските написи дека американскиот претседател Џо Бајден и дал дозвола на Украина да користи американски ракети со долг дострел за гаѓање цели на територијата на Русија.
„Претседателот Владимир Путин веќе кажа сè за тоа“, рече Захарова.
Зборувајќи за можноста Украина да користи западно оружје за да гаѓа цели на руска територија, Путин во септември рече дека поместувањето на војната понатаму на исток нема да биде крај, „бидејќи војната ќе стигне и до Западот“.
Тогаш Путин предложи и промена на руската нуклеарна доктрина, а меѓу амандманите е и одлуката дека агресијата на ненуклеарна држава, со учество или поддршка на нуклеарна држава, се смета за заеднички напад.
Тврдењата на медиумите дека Бајден ја овластил Украина да користи американски ракети за цели на територијата на Русија, досега не беа потврдени или демантирани од Белата куќа или од Пентагон.
Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово
Владите на Северна Македонија и на Косово денеска (18 ноември) во Приштина ќе одржат заедничка седница.
Според агендата што ја објавија двете влади, по официјалната церемонија и заедничката фотографија, предвидено е пред почетокот на меѓувладината седница, односно од 11:20 часот да се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти, како и тет-а-тет средби помеѓу министрите од двете Влади.
По завршување на меѓувладината седница, ќе се потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области.
Воедно, во 13:45 часот заедничка прес-конференција ќе одржат претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Република Косово, Курти.
Владата на Косово, во пресрет на заедничката седница на владите на двете држави, вчера одржа електронска седница, на која усвои две иницијативи поврзани со соработката со Северна Македонија.
Во соопштението од кабинетот на косовскиот премиер, Албин Курти се наведува дека е усвоена иницијатива за склучување на „Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Договорот меѓу Владата на Република Косово и Владата на Република Северна Македонија за заедничките гранични премини Генерал Јанковиќ - Блаце и Глобочица - Јажинце“.
Според соопштението, усвоена е и иницијативата, за „потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за економија на Република Косово и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во секторот енергетика во согласност со нивните политики и стратегии“.
Првата заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово беше одржана во Скопје на 16 септември 2021 година. Тогаш беа потпишани 11 договори и меморандуми за соработка.
Владата и банките продолжуваат со преговорите за унгарскиот заем
Владата и банките продолжуваат со преговорите околу условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании. Начелно постои договор околу роковите за исплата, но не и околу каматата што ќе треба да се исплаќа, за која од двете страни има волја за доближување на ставовите.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера (17 ноември) по средбата со Македонската банкарска асоцијација, на која требаше да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека уште ќе се преговара.
„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите“, рече Мицкоски.
Целта, е како што рече, каматата што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да ги добие парите по пониска камата. Условите под кои е земен кредитот се 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески очекува дека ќе се најде решение во интерес на бизнисот. Aпелира тоа да оди во пакет со прашањето за капитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот затоа што таква институција е потребна за бизнисот. Во неговата најнова колумна, Азески, побара парите веднаш да бидат ставени во функција со што, според него, власта ќе и покаже на јавноста и на меѓународната заедница дека покрај способноста за договор, има и способност за поддршка на бизнисот.
Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.
Почнува дводневниот самит на Г20 во Рио де Жанеиро
Во Рио де Жанеиро денеска почнува дводневниот самит на Г20, а главни теми на состанокот ќе бидат борбата против сиромаштијата и гладот во светот, реформа на глобалните институции, борбата против климатските промени, како и конфликтите во Украина и појасот Газа.
Британските медиуми пренесуваат дека земјите членки на Г20 учествуваат со 85 отсто од светската економија и најмногу придонесуваат финансиски во борбата против климатските промени.
Членките на Г20 испуштаат повеќе од три четвртини од стакленичките гасови, па од тие причини Обединетите нации пред два дена ги повикаа лидерите на Г-20 да одвојат повеќе средства за борба против климатските промени.
Самитот на Г-20 во Рио има за цел да постигне консензус за зголемување на даноците на најбогатите милијардери во светот за борба против климатските промени и намалување на сиромаштијата.
На самитот ќе биде промовирана иницијативата Глобална алијанса против гладта и сиромаштијата предложена од бразилското претседателство со Г-20, чија цел е да се забрзаат напорите во борбата против сиромаштијата и недостигот на храна во светот до 2030 година.
Бразилската влада предложи и данок за најбогатите луѓе во светот, заедно со Франција, Шпанија и Јужна Африка. Меѓутоа, Долниот дом на бразилскиот Парламент минатиот месец ги отфрли плановите за воведување дополнителен данок за најбогатите Бразилци.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој е домаќин на самитот на Г20, ќе се обиде да ги унапреди плановите за оданочување на најбогатите милијардери во светот кои често користат „дупки“ за да избегнат плаќање даноци, објави Дојче веле (DW).
На состанокот на министрите за финансии на Г-20 во Рио во јули, најбогатите земји во светот се согласија да започнат дијалог за правично и прогресивно оданочување, вклучувајќи ги и оние кои најмногу заработуваат, и покрај жестокото противење од САД и Германија.
Планот за оданочување на најбогатите милијардери го осмисли францускиот економист Габриел Цуцман и тој предвидува воведување годишен данок во износ од два отсто на вкупните нето средства на екстремно богатите поединци, а не само на нивните годишни приходи.
Средствата би вклучувале недвижен имот, акции и други инвестиции. Со овој план може да се соберат до 250 милијарди долари даноци годишно од речиси 2800 милијардери ширум светот, чие комбинирано нето богатство се проценува на околу 13,5 трилиони долари, пресмета Форбс од листата на најбогати милијардери во светот.
Почина една од тешко повредените во несреќата во Нови Сад
Почина една од повредените при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, потврди за Радио Слободна Европа в.д. директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов.
Таа е 15-та жртва на трагедијата што се случи на 1 ноември.
„Станува збор за девојката кое беше најтешко повредена. И покрај сите напори на лекарите од Клиничкиот центар Војводина, таа почина“, изјави Весна Туркулов.
Во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, на лице место загинаа 14 лица, додека три беа тешко повредени.
Настрешницата се урна откако зградата на Железничката станица во Нови Сад беше свечено отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.
Изведувач беше кинескиот конзорциум CRIC&CCCC („China Railway International Co.Ltd“ и „China Communications Construction Company Ltd“), додека за стручен надзор беа ангажирани шест компании од Србија и Унгарија.
По притисокот на јавноста, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, на 5 ноември поднесе оставка.
Обвинителството во Нови Сад досега сослушало 71 лице, но засега никој не е лишен од слобода.
Во Нови Сад беа организирани неколку протести на кои граѓаните побараа кривично гонење на одговорните за трагедијата.
Последниот протест во форма на шестчасовна сообраќајна блокада се одржа денеска (17 ноември).
Повеќе загаден воздух - повеќе предвремено родени бебиња
Вкупно 604 предвремено родени бебиња имало лани во Северна Македонија. Оваа година, досега, бројот e 681, соопшти заменик министерот за здравство, Јовица Андовски.
Еден од ризик факторите за предвремено породување е загадениот воздух. Ова го истакна директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), д-р Ирена Алексиоска Папестиев, на денешната прес-конференција, по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња - 17 Ноември.
„Се повеќе податоци од литературата говорат дека дефинитивно има влијание загадениот воздух, за да дојде до предвремени породувања, при што потоа овие пациентки ќе станат дел од интензивната нега“, рече Алексиоска Папестиев.
Ризик фактори, вели, се и возраста на жената, инфекции, како и повеќеплодова бременост.
„Денес современата жена прво ја реализира кариерата, а потоа се посветува на завршување на репродуцијата. Еден од ризик факторите е токму ова бременоста после 35 годишна возраст. Тоа е така затоа што во таа возраст, кај мајката веќе постојат коморбидитети на некои органи, кои нас гинеколозите не приморуваат предвремено да ја терминираме бременоста, за да ја заштитиме мајката“, посочи Алексиоска Папестиев.
Подем на прееклампсија
Планот е оваа година клиниката да се фокусира најмногу на прееклампсијата, бидејќи во последните две децении се бележи континуиран пораст, дури до 25 %, на ова мултиорганско заболување кое се карактеризира со покачен крвен притисок.
Тоа е, како што рече директорката на ГАК, резултат на зголемување на старосната граница на родилките.
Пет до осум отсто од трудниците можат да добијат прееклампсија. Од 16 илјади раѓања во државата, 800 до 1.280 пациентки имаат ризик за појава на преекламспија.
За да се превенира предвремената бременост, во ГАК од крајот на оваа година ќе почне пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на пациентки кои што би развиле прееклампсија.
Во употреба е пуштен и интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација.
„Тоа значи дека самите недоносени бебиња додека да пристигнат до интензивно одделение ќе бидат навремено, во текот на првиот час од раѓањето, соодветно респираторно третирани“, рече Алексиоска Папестиев.
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски, информираше дека статистиките кои од 2017 година покажуваа смртност на над 21 процент, годинава се намалени на 6,7 проценти, односно 2 проценти во прочистената перинатална смртност.
„Беше изгласан мастер планот за регионализација на перинаталната здравствена заштита, и овој мастер план е многу значаен, затоа што во него точно се утврдени траекторијата и начинот на превоз на високо ризичните бремени жени од која било точка, на територија на државата до Клиниката за гинекологија и акушерство“, рече заменик министерот.
Тој очекува со овој мастер план во иднина стапката на смртност понатаму да се намалува.
„Подем“ и на честичките ПМ2,5
Во меѓувреме, идни мајки со кои разговараше Радио Слободна Европа се шокирани од податокот од Обединетите нации, дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во Северна Македонија е заради загаден воздух.
Државата со години е на европскиот врв по загаден воздух, но за животна средина се издвојуваат само 0,8 отсто од буџетот. Скопје беше меѓу десетте најзагадени градови во светот, но единствената мерка е бесплатен јавен превоз кога воздухот е најзагаден.
Освен Скопје, меѓу најзагадените градови се и Тетово и Битола, каде мерните станици често покажуваат високи концентрации на честичките ПМ2,5 кои се меѓу најопасните загадувачи.
Сепак, бројни анализи и упатени во проблемот укажуваат дека воздухот е загаден речиси во секое населено место, со концентрации на ПМ2,5 и други загадувачки материи кои редовно ги надминуваат нивоата поставени од ЕУ и Светската здравствена организација.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете