Господине Тачи во пресрет на изборите кажувате дека гласот за малите партии е изгубен глас. Што ве прави оптимист дека по низа изборни циклуси во кои ги губите изборите од ДУИ ќе се врати рејтингот на ДПА како влијателна партија во албанскиот блок и изборен коалициски партнер?
Мислам дека најважно сега, после сè што ни се случува во државата во последните две години, e ДУИ да ги изгуби изборите. Tоа е многу важно за граѓаните, мислам дека граѓаните лесно ќе сфатат, од сите страни имаме пораки дека треба да се случи промената, затоа што уништувањето на институциите е дело на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Што се однесува до помалите албански партии, рационално зборувам, не од инает или од конкуренција, ние имаме таков систем што не верувам дека нивните гласови во три изборни единици, како што се првата, втората и петтата единица, ќе успеат да го достигнат цензусот на пратеник, да имаат околу 11 илјади гласови. И автоматски тие гласови би можело да отидат кај ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ и тоа ќе биде изгубен глас. Ако граѓаните гласаат за промени и гласаат против ДУИ, тој глас што нема да оди кај ДПА може да се смета како изгубен глас. Убеден сум дека тоа нема да се случи. Апсолутно не ни сметаат малите партии, тоа се вредности на демократија, но работите треба да ги гледаме рационално, не сме во комодитет на таква демократија, главното е тоа што го реков на почеток – мора да се случат промени.
Дали со тоа што СДСМ во својата програма ги стави Албанците, на оваа партија гледате како на политички опонент кој може да одземе гласови или пак пример кој треба да го следат и партиите во албанскиот блок и тие да се реформираат и во нив да консолидираат и македонски политичари?
Прагматично ваквиот начин на СДСМ со ставање на листите зема гласови само од ДУИ, од ДПА не, зошто таа е позната национална партија на Албанците и не се чувствуваме загрозени. Изгледа дека тоа е убаво, немам ништо против, ова е демократија, луѓето да се вклучат и во други политички партии, но ќе опстојам на тоа дека во Македонија навистина треба да има политички договор меѓу двата народа, Македонците и Албанците. Тој политички договор ќе овозможи сите да живееме рамноправно и сите да ги уживаме благодетите на институциите на државата.
Делувате како опозициска партија кај Албанците, но тоа стана дискутабилно по објавувањето на таканаречените бомби, според кои Вие имате блиски односи со високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Дали се оправдавте пред вашето гласачко тело за разговорите кои беа обелоденети во јавноста?
Тој разговор тотално е изваден од контекст. Јас пет ипол години немав никакви контакти со ВМРО-ДПМНЕ, но во 2013, дали се сложуваат или не, политичкото дејствување на СДСМ нам ни оневозможи да земеме девет градоначалници од 16 Албанци. Нивното политичко дејствување со помалите политички партии, апсолутно ни го уништи резултатот, се сеќавате тие го поништија коалициониот договор да се помагаме во одредени општини и се хомогенизираа со ВМРО-ДПМНЕ. Тој политички контекст и таквото дејствување ако и денеска го прават ќе им наштети на ДПА и на Албанците.
По претпоставка да треба да коалицирате по изборите со ВМРО-ДПМНЕ, дали би ви пречело тоа што дел од членовите на нивното раководство се инволвирани во индиции за криминал и корупција.
Не само тоа, ако погледнете после 2008 ДПА најмногу ножеви во грб доби од ВМРО-ДПМНЕ, значи веќе е јасно дека таквата националистичка политика и ова што се случува после тоа дека готово е невозможна соработка и коалиција меѓу ДПА и ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека најискрено тоа е невозможна работа, ќе видиме после избори, но 99 проценти тоа е невозможна работа.
Целото интервју со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.