Достапни линкови

Бронхити кај петмесечни бебиња и рак кај децата


Зголемен е бројот на белодробни инфекции кај децата, алергии, кашлици во Битола, а има и случаи на рак кај мали деца. Лекарите се сомневаат дека причините лежат во загадениот воздух.

Петмесечно бебе заболено од бронхит. Рапидно зголемен бројот на бронхопневмонии и алергиски заболувања кај децата. До 2012 година, 205 деца заболени од малигни неоплазми. Ова се само дел од загрижувачките податоци кои експертите ги имаат пласирано во јавноста за последиците од загадениот воздух врз здравјето на децата во Битола. Аерозагадувањето и последиците од него се дежурни теми на разговор во градот под Пелистер.

Граѓаните се жалат дека кај децата се јавуваат кашлици и други белодробни проблеми. Во селата како Новаци, пак, каде минуваат големите далекуводи што пренесуваат струја, бучавата предизвикува и главоболки.

„Јас сум баба на три внуци. Тие често пати се поболуваат. Едното ќе се поболи, дури да се излечи тоа, ќе се поболи другото, па третото. Се сомневаме дека сето тоа е од загаденоста на воздухот. Најчесто се споболуваат на грло, посебно во периодот кога почнува затоплувањето, кога паѓа маглата во Битола. Годинава од ноември имаме магла“, вели Аница Николовска, од Битола.

„Далекуводот има 6000 киловолти електрична енергија, тој е меѓународен, преку него се транспортира електрична енергија за Грција. Многу шуми, главата сите нè боли, ми е жал за децата, поточно за внуците“, вели Аце Јовановски од село Новаци.

Луѓе собираат пластични шишиња на депонијата во близина на РЕК Битола на 28 октомври 2014
Луѓе собираат пластични шишиња на депонијата во близина на РЕК Битола на 28 октомври 2014

И лекарите признаваат дека децата зачестено имаат респираторни проблеми. Но, не соопштуваат бројки.

„Евидентно е дека е зголемен бројот на белодробни инфекции кај децата, на алергии, белодробни заболувања, кашлици. Алергиите претежно се јавуваа во пролетниот период, а сега се пролонгираат, во лето, па и есен. Белодробните болести ги има од септември, во текот на грејната сезона, во зима, па и во пролет“, вели Ана Стојановска, лекар по општа медицина.

Минатата година на трибина за загаденоста на воздухот Благица Темелковска, доктор педијатар со 25-годишно работно искуство во битолската Клиничка болница рече дека бронхит бил забележан и кај петмесечно бебе.

„Жално е што бројот на бронхити, бронхопневмонии и на алергиски заболувања е страшно зголемен кај децата. Бронхопневмониите се значително пообемни од порано. Тоа нешто морам да го поврзам со загадувањето на воздухот во Битола. Не е исто од бронхит да се разболи петмесечно дете и човек на 55 години“, рече лекарката.

Од здружението „За нас се работи“ кое води битка за почист воздух во Битола, се повикуваат на релевантни податоци дека расте бројот на деца заболени од канцер.

„Експертските анализи покажуваат дека загадениот воздух најмногу се одразува врз здравјето на најмладите. Имавме информација од Институтот за народно здравје, која велеше дека во земјава Пелагонискиот регион има најмногу заболени деца од малигни неоплазми токму по број на жители. Околу 205 деца биле заболени од малигни неоплазми до 2012 година. Не е објавен бројот како е од 2012 до денес. Но, експертите велат дека најмладите до шестгодишна возраст се најзасегнати од загадениот воздух“, вели Душко Груевски од „За нас се работи“.

Според него, загадениот воздух е еколошка катастрофа, а извештаите со загрижувачките резултати често завршуваат затворени во нечии фиоки и не се преземаат сериозни мерки за надминување на состојбата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG