Достапни линкови

Судиите сами ќе си „го исчистат“ дворот?


Има совесни и стручни судии кои се повеќе ќе се охрабруваат да преземат законски мерки поради неможноста да го издржат притисокот во извршувањето на своите работни обврски.

Охрабрување на судската фела и храбро соочување со притисоците на работното место. Вака упатените го толкуваат неодамнешниот, а сепак прв случај во историјата на македонското судството, поврзан со кривична пријава од судија во кривичниот суд до негов колега во истиот суд поради кривично дело поврзано со „влијание врз судија да преземе одделни незаконити дејства“.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека има совесни и стручни судии кои се охрабриле да преземат такви мерки поради неможноста да го издржат притисокот во извршувањето на своите работни обврски.

„Судиите веќе почнуваат да размислуваат со своја глава и точно знаат во каква ситуација се јавува судството и во каква состојба е. А тоа е дека неколку луѓе ја узурпирале судската власт и буквално судството го сметаат за свој приватен имот во кој можат да прават се и сешто. Бевме сведоци на селективна правда, на двојни аршини, на нелогични и срамни одлуки, на напредување на луѓе кои не го заслужуваат тоа и решаваат за избор на други судии, а коишто се најмалку способни“, подвлекува адвокатот Давидовиќ.

Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека овој случај е доказ дека нешто „интересно“ се случува во македонското судство. Ако кон овој случај се додаде и неодамнешната судска наредба од страна на друг судија со која се овозможи специјалната јавна обвинителка да влезе во УБК, тогаш можеме да констатираме дека има охрабрувачки чекори кои навестуваат позитивен тренд кај судиите да реагираат кога ќе бидат спречени професионално да ја извршуваат својата работа, посочува Арифи.

„Колку што јас знам, судијата којшто ја покренал таа постапка, но и други судии претходно се соочиле со казни поради нивното редовно постапување, односно како казна биле пренасочени во други оддели или судови. Тие со тоа веќе се соочиле во минатото и не мислам дека може да биде полошо од тоа што е во моментот. И затоа тоа би требало уште повеќе да ги охрабри и да знаат дека самите тие треба да реагираат кога тоа им е оневозможено,“ вели Арифи.

Адвокатот Давидовиќ вели дека секоја критика на судството на луѓето одвнатре може да има неповолни последици за кариерата на судиите, но дека е дојдено време тоа да се промени.

„Мислам дека тоа време е поминато затоа што судиите полека, полека ќе се осоколат како судијата Џолев и повеќе нема да го трпат тоа“, вели Давидовиќ.

Според Арифи, овој случај е добар тест за самото судство и натамошното постапување, односно како и дали ќе реагираат соодветните органи и дали судот ќе донесе правилна одлука.

„Проблеми сигурно ќе има, ова не е лесен пат. Ниедна независност не се добива лесно, а особено независноста на судството. На тоа треба да се работи“, заклучува Арифи.

Судијата Џолев во писмена изјава до медиумите, соопшти дека поради чувствителноста на ситуацијата, нема да го открие идентитетот на судијата против кого ја поднесе кривичната пријава, но медиумите веќе објавија дека станува збор за претседателот на судот Владимир Панчевски. Тој изјави дека случајот кај него не бил пријавен и дека немал за што да влијае врз судијата Џолев кој веќе две години работи во прекршочниот оддел. Кривичната пријава на судијата Џолев е веќе во Обвинителството за организиран криминал и корупција кое ќе постапува согласно законските надлежности.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG