Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ плаќа големи суми за поправање на имиџот


Помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд на средбa со лидерoт на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Скопје
Помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд на средбa со лидерoт на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Скопје

Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија зошто за комуникација со американската администрација користеле консултанска агенција. Аналитичарите велат дека тоа е обид да се поправи партискиот имиџ, но и вообичаена дипломатска пракса во САД.

Поправање на имиџот на владејачката партија, но и редовна дипломатска комуникација воспоставена во американските кругови. Вака дел аналитичари гледаат на ангажирањето на ВМРО-ДПМНЕ на американската компанија Дашл груп, меѓудругото и за комуникација со американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли, но и со повисоките претставници на официјален Вашингтон.

Владејачката партија преку трите американски консултантски и ПР компании што ги има ангажирано во последнава една година договараше и средби со американски политичари, потсетува поранешниот амбасадор Благој Зашов. Токму тие средби, според него, се причината за комуникацијата со американскиот амбасадор во Скопје.

„Низ дипломатските кругови тоа многу добро се знае. Ако некоја агенција од САД е ангажирана таа мора да контактира со амбасадата овде. Една работа е тука ВМРО-ДПМНЕ што контактира со Бејли и со амбасадата, а друга работа е агенциите што се јавуваат во амбасадата и тоа е за да информираат за тие средби што се организираат во Америка“, вели Зашов.

Тоа се компании што лобираат и некогаш се обидуваат да поправат имиџ, некогаш нарушени комуникации, вели аналитичарот Алберт Муслиу, коментирајќи ја комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ преку Дашл груп.

„Според теркот на комуникацијата мислам дека нешто навистина ги мачело нивните клиенти и веројатно сакале да подобрат некоја позиција на нивниот клиент во однос на сите овие институции, не зборувам за личности, тие се сепак институции. Ова според мене е помодерно однесување на нашата политичка сцена но сигурно ситуацијата била покомлицирана кога компаниите од Америка ги ангажирале за комуникација дури и со овие личности, од кои една од нив ја гледаат редовно“, вели Муслиу.

Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на прашањето „зошто на партијата и е потребно покрај официјалната комуникација со претставниците на американската администрација како на пример со американскиот амбасадор Бејли, ја ангажирала и консултанска компанија Дашл груп да контактира со претставници на американската администрација.

Американската амбасада вчера на прашање на медиумите соопшти дека директно комуницира со претставници од Владата на Република Македонија и со сите политички партии, како дел од нивниот вообичаен дипломатски ангажман.

„Ние, исто така, зборуваме со граѓаните на САД кои се заинтересирани за овдешниот развој. Нашите позиции за политичката криза и за други прашања се добро познати“, се вели во одговорот на амбасадата на САД.

Инаку во документот што го пријавила американска компанијата за своите активности за клиентот ВМРО-ДПМНЕ во периодот од први април до 30 септември годинава објавен на 28 октомври на американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерството за правда конкретно е наведено е наведен состанок на шести април годинава со американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, а истиот ден како што пријавиле и со него имале и телефонски разговор а испратиле и електронска пошта.

Во документот се наведени и две исплати од ВМРО-ДПМНЕ за Дашл груп во износ од по 60.000 долари, едната реализирана на 19 април, а другата на 23 август односно вкупно 120.000 долари. Нивни преставник, пак, бил во земјава на седми септември и за тоа, како што е пријавено, биле потрошени 25.490 долари.

Дашл груп е една од трите американски компании што ги има ангажирано ВМРО-ДПМНЕ. Според договорот кој се уште е во сила владејачката партија и плаќа на Дашл груп 49.500 американски долари месечно. Партијата соработуваше и со Њу партнерс консултинг и со Глобал секјурити иноватив.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG