Пред најавениот штрајк што требаше да се одржи в петок, во Синдикатот за одбрана и безбедност се интензивираа поделбите меѓу синдикалците. Ристо Ајтов, претседателот на Синдикатот на одбрана и безбедност, кој најави дека ќе поднесе кривична пријава бидејќи институциите дозволиле исклучен член нелегитимно да се впише во Централниот регистар како нов претседател на Синдикатот, вели дека кулминирал притисокот од одредени лица од владеачката партија со цел штрајкот да не се одржи. Според него, потврда за тоа е прес-конференцијата што во меѓувреме ја одржа Стојановски на која тој кажа дека нема да дозволи штрајк.
„Со прес-конференција на т.н претседател Оливер Стојановски веќе и јавно се искажаа дека целта на моето тргнување од таа позиција кое е незаконско, е да се спречи штрајкот во Армијата односно во Министерството за одбрана. Тој план на одредени лица од владејачката партија не се остварува зашто со последното решение на министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски се поништува решението за упис на Стојановски во регистарот. Но, сега политиката преку Централниот регистер купува време за да не го впише решението. Сето тоа е во функција штрајкот во петок да не се одржи“, вели Ајтов.
Новиот претседател Оливер Стојановски, пак, ги отфрли обвинувањата за нелегитимност и рече дека неодговорното раководење на стариот претседател Ристо Ајтов биле причините за смена на раководството. На прес-конференцијата во Синдикатот за одбрана и безбедност, Стојановски рече дека членството може да очекува дека Синдикатот во следниот период ќе биде нивен вистински заштитник во однос на правата од работен однос, но оти нема да го поддржат штрајкот в петок.
„Не, апсолутно. Нема да си дозволам да ги внесам членовите во авантура среде избори. Кој ни е партнер? Ова е техничка влада. Кој е легитимен партнер за дијалог Синдикатот? Не смее да се дозволи штрајк кога политиката е на сцена. Овој синдикат имаше пет години да се избори. Како пред избори му текна сега ќе штрајкуваме? Нашето раководство по изборите ќе излезе со програма“, изјави Стојановски.
Тој го обвини Ајтов дека минатата година на незаконски начин се обидел да свика конгрес на синдикатот на кој сегашното раководство не било повикано. Според него, синдикат функционирал како приватен синдикат на Ристо Ајтов и тоа повеќе не можело да се толерира. Од неодамна дознале дека од Министерството ја поништиле одлуката за нов синдикален лидер, на што тие поднеле жалба.
Претходно, Ајтов обвини дека од сметката на Синдикатот на одбраната и безбедноста со фалсификувани документи и печат се извлечени повеќе од 550 илјади денари за само два дена. Тој кажа дека Оливер Стојановски изработил печат на непостоечко правно лице и истиот го употребил како печат на Синдикатот на дописот до Министерството за труд.
Инаку, покрај главниот проблем на ниските плати, како што потенцира Ајтов, припадниците на АРМ се соочуваат и со недостаток на униформа и опрема, постојано доцнење на исплати на надоместоците на плата, доцнење на исплати за ангажирање на јужната граница, постојан проблем со греењето во зимскиот период во касарните и објектите и многу други проблеми. Ајтов најави дека во петок по последните случувања ќе одржи прес-конференција пред Министерството за одбрана.