Достапни линкови

Што читаат македонските научници?


Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер. Фото: Петар Кајевски.
Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер. Фото: Петар Кајевски.

Британските научници во просек читаат 39 научни материјали месечно, од кои 22 се трудови објавени во журнали. Ако претпоставиме дека еден научник од Македонија треба да чита исто за да биде на исто научно-истражувачко ниво со својот британски колега, тогаш останува прашањето како македонскиот научник се снабдува со литература, пишува Новица Наков во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Минатата недела се осврнавме на бројот на преземања од Sci-Hub и со бројот на објавени трудови во Македонија во однос со некои други европски земји. Сега фокусот го поместуваме на тоа што се чита од страна на македонската научна јавност.

Од истражувањата што се правени на универзитетите во Велика Британија може да се види дека во просек британските научници читаат 39 научни материјали месечно, од кои 22 се трудови објавени во журнали. Ако претпоставиме дека еден научник од Македонија треба да чита исто за да биде на исто научно-истражувачко ниво со својот британски колега, тогаш останува прашањето како македонскиот научник се снабдува со литература. Сепак, одреден број на научни текстови се преземаат во Македонија.

Македонските научни читатели воглавно преземаат трудови од научни журнали и литература што се чита воглавно е издадена во последните 20 години. Најстариот труд што од Sci-Hub е преземен во Македонија е „Vital Statistics of Cavalry Horses“ од 1880 година. Анализа, пак, на насловите на документите открива дека најчесто преземан труд е „Genetic diversity of Brucella abortus and Brucella melitensis in Kazakhstan using MLVA-16“, кој што е преземен 44 пати. Двата наслова се неочекувани или барем необични. Интересно би било да се дознае која е причината за овие преземања.

Понатаму, податоците за издавачот во најголема мера недостасуваат во изворните податоци од Sci-Hub, но од она што е достапно, како најчест издавач кој е преземан предничи Institute of Electrical and Electronics Engineers (IEEE).

Обидот да се презентираат насловите на трудовите во зборовен облак открива дека истражувања на теми како рак, енергија и иновации се помеѓу почестите кои што се преземаат. Веројатно е тогаш меѓу имињата на издавачи што недостасуваат да има и значителен број на медицински или биолошки журнали, покрај оние за инжинерство.

Петте најчесто преземани публикации, пак, ги вклучуваат Renewable and Sustainable Energy Reviews со 70 преземања, American Journal of Physics со 65 преземања, Energy Policy со 61 преземања, Journal of Sound and Vibration со 51 преземања и Science со 51 преземања.

Ова покажува една шарена слика за темите од интерес на македонската научна јавност. Од една страна, со оглед на тоа дека има истражувања коишто велат дека еден преземен труд се споделува до 10 пати помеѓу научниците-колеги тогаш можеби ефектот од преземањето на мал број трудови во Македонија (0,2 по научник) да има поголем ефект. Така, на пример, бројот од 10 преземени трудови поврзани со теми за земјотресно инжинерство (од журналот „Soil Dynamics and Earthquake Engineering“) може да биде охрабрувачки дека таа струка настојува да биде во тек со научните новини - ако навистина и во Македонија споделувањето е на исто ниво како во Велика Британија или САД. Од друга страна, дури и споделување од 10 пати ги држи македонските научни работници далеку од Велика Британија во однос на месечна читачко-истражувачки просек.

Веројатно, без да се прашаат и самите научници повеќе не може да се знае за навиките, потребите за читање и истражување на македонските научници. Можеме да се надеваме дека со достапноста на материјали преку Sci-Hub работата ќе станува сѐ подобра.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG