Достапни линкови

Федерализацијата - обид за печалење политички поени


Архивска фотографија: Погреб на косовските милитанти убиени во полициската акција во кумановско Диво Насеље на Гробиштата на мачениците во Приштина на 26 мај 2015 година.
Архивска фотографија: Погреб на косовските милитанти убиени во полициската акција во кумановско Диво Насеље на Гробиштата на мачениците во Приштина на 26 мај 2015 година.

Тезите за федерализација се апсурдни, а двојазичноста во Македонија е уредена со Уставот. Овие прашања се само предизборен маркетинг.

Подгревање на меѓуетнички тензии за предизборни цели. Вака Мухамед Зекири од Социјалдемократскиот сојуз ги објаснува бурните реакции за можна федерализација на државата, по изјавите на лидерот на СДСМ Зоран Заев за воведување двојазичност во земјата. Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, Зекири вели дека се апсурдни тезите за федерализација оти прашањето за двојазичноста е уредено со Уставот на Република Македонија.

„Работата со двојазичноста во Македонија е решена со рамковниот договор, тоа е решено со Уставот на РМ. Претседателот на СДСМ не кажа ништо друго, освен тоа што е предвидено во Уставот на РМ. Друго е проблемот што ВМРО-ДПМНЕ заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ ја користеа таа тема за да подгреваат меѓуетнички тензии. И тие се уште мислат да играат на националистичка карта“, вели Зекири.

Како пример на тоа дека тезите за федерализација се депласирани и неосновани, Зекири го наведува потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и тогашните реакции дека после договорот Македонија ќе ја снема.

И професоркaта Мирјана Малеска вели дека околу изјавите за употребата на албанскиот јазик како службен не треба да се крева прашина, зошто истата е уредена со Уставот, и не треба да се доведува во контекст на можна федерализација на државата.

„Федерализација може да се наметне или преку сила, што денеска е исклучено во контекст на релативно постабилен Балкан од колкушто бил во 2001 година, или пак со договор, ако се договорат партиите во Собранието. Ама во однос на двојазичноста не гледам некоја непосредна врска“, вели Малеска.

За Малевска чувствителните националистички теми се задолжителен декор пред секој изборен циклус, па токму тука ја гледа причината за покренување на подзаборавените тези и стравови за федерализација.

„Пред избори обично се покренуваат ваков тип на теми кои се чувствителни зошто го допираат срцето на граѓаните повеќе, отколку разумот. Мислам дека целта не е ништо друго освен да се печалат политички поени“, децидна е Малеска.

Според соговорниците, во моментот не постои опасност од федерализација, поради што на граѓаните им порачуваат да не подлегнуваат на предизборни провокации и обидите за меѓуетнички поделби.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG