Достапни линкови

Прилепски активист на Суд за графитот „Че си лежите“.


Прилепското Обвинителство поднесе прекршочни пријави против учесникот во Шарената револуција, Жаре Стеваноски од Прилеп, оти за време на протестите во Прилеп, на асфалтот пред Општинската зграда го испишал графитот „Че си лежите“.

На четири поединечни рочишта, граѓанскиот активист, адвокатот Жаре Стеваноски ќе биде суден во Основниот суд во Прилеп, по член 191 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Ова е затоа што како учесник во Шарената револуција за време на протестите во Прилеп, на асфалтот пред Општинската зграда го испишал графитот „Че си лежите“. За Стеваноски овие прекршочни пријави се само уште еден начин на притисок на власта врз него како учесник во Шарената револуција, и како познавач на законот којшто во бројни наврати поднесе кривични пријави против локални политичари и функционери во прилепското Основно јавно обвинителство за, според него, извршени злоупотреби при вршење на службената должност.

„Од содржината на доказниот материјал што го приложи МВР кон барањата за поведување прекршочна постапка, произлезе дека одредени службени лица на Министерството извршиле фалсификување на добар дел од службените документи, со тоа што во таквите документи навеле невистинита содржина. Убеден сум дека овие прекршочни постапки не наоѓаат примена во законските одредби со кои Министерството ме товари дека Судот ќе донесе правилни и законити одлуки“, изјави адвокатот Стеваноски.

Според него нема никаков законски основ за овие пријави, токму затоа што протестите на Шарената револуција се одржуваа со претходна најава, беа во континуитет следeни од голем број припадници на прилепската полиција. А, со испишување на графитот „Че си лежите“ никако не може да се загрози безбедноста на учесниците во сообраќајот и затоа што додека траеја протестите улиците беа запрени за сообраќај. И не само тoa, веднаш по протестот екипи на јавните комунални претпријатија ги чистеа улиците.

„Со нетрпение го очекувам сведочењето на сведоците предложени од страна на Министерството кои сакале или не ќе мора да одговорат на одредени прашања коишто произлегуваат од писмените докази произлезени токму од нивна страна. Вака иницираните прекршочни постапки само ја потврдуваат намерата на локалните власти по секоја цена да извршат притисок врз мене, со цел моето санкционирање да послужи како пример со којшто ќе се дисциплинираат останатите учесници на Шарената револуција“, акцентира Стеваноски.

Но, не само во Прилеп, учесници во Шарената револуција деновиве се изведени на судска клупа и во други градови во државата. Разликата во Прилеп е што, Стеваноски во судот се појави во придружба на своите адвокати.

Според тоа, останува отворено прашањето, дали токму овие барања за поведување прекршочни пријави на прилепската полициска станица, го дале својот ефект. Зашто ниту еден друг учесник на Шарената револуција во Прилеп деновиве не го крена гласот во јавноста.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG