Колку е потежок патот на мигрантите од воените подрачја до некоја од европските земји, толку е повисока цената што ја плаќаат овие луѓе за нелегално поминување низ сега затворената бегалска рута. Ако по затворањето на границите мигрантите на криумчарите им плаќаа по илјада до илјада и петстотини долари за премин од Македонија во Србија, сега таа цена е за двојно зголемена поради почестите и поригорозни патроли на српската граница, велат претставници на хуманитарни организации кои им помагаат на мигрантите што се заглавени во Табановце.
Според извештајот на Хелсиншкиот комитет, во текот на минатата недела над стотина бегалци биле затекнати по илегални патишта низ државата и однесени во кампот во Табановце од каде што биле пренесени на грчка територија. Во извештајот е наведено дека 20-тина мигранти со потекло од Алжир, Мароко и Авганистан биле фатени како со товарен воз се обидувале да ја преминат македонската територија, додека останатите 80 се жртви на криумчарската мрежа. Бројот на мигранти во прифатниот центар Табановце изнесува 81. Неофицијално, бројот на бегалци од Сирија и Ирак е поголем, но тие луѓе не се регистрирани, е наведено во извештајот на Хелсиншкиот комитет. Слична е ситуацијата и во првата недела од месецов кога биле евидентирани 70 мигранти кои нелегално влегле во земјава.
Неодамна, при нашата посета на кампот во Табановце, Авганистанецот Тиморша Барекзај, кој повеќе од два месеци престојувал во овој камп, изјави дека заедно со неговиот брат, со помош на криумчари, од Иран, преку Турција и Грција влегол во Македонија. За целиот пат до Германија платиле речиси 10 илјади долари.
„Луѓето мислат дека ако патуваме со криумчари сме безбедни, но не е така. Мора да го ризикувате својот живот“, вели тој.
Јасмин Реџепи од невладината организација Легис вели дека криумчарењето на мигранти зема замав од ноември минатата година, кога почнаа првите рестрикции за економските мигранти, а се засили во март годинава кога се затвори европската врата за бегалците. Со секоја забрана каде што нема алтернатива, се раѓа нелегалниот начин за справување со истиот проблем, вели тој.
„Еден дел се како што беа сите бегалци досега, тоа што го имале го продале или што го заштедиле го земале со себе и тргнале на пат. Кога се затвори границата немале друга можност да поминат освен да ги дадат тие пари на некого и да им ја направи таа услуга за да можат да поминат“, вели тој.
Но, кога немаат пари да платат за нелегален премин, дел од мигрантите се продаваат и себе си на мафијата и стануваат дел од новото криминално модерно ропство, вели Реџепи.
„Тоа се луѓе кои се во очајна ситуација, коишто немаат пари и тогаш малтене се продаваат себе си, прават договор со криумчарот или со таа мафија дека штом стигне во Европа ќе работи за нив со години. Тие луѓе немаат никакви права, тие не смеат ни да бидат пријавени, честопати илегално престојуваат во европските земји, а не како класичните бегалци кои се пријавуваат во УНХЦР или во Црвен крст и ќе продолжат со својата интеграција во општеството. Тие мора да останат и да го отплатат својот долг, да бидат искористувани од страна на овие коишто им пружиле услуга за криумчарење“, вели Реџепи.
Според податоците од полицискиот билтен, во изминатиов месец евидентирани се 11 кривични пријави против криумчари на мигранти, а пронајдени се и над 115 жртви на криумчарење. Минатиот месец во полициска рација наречена Којот беа уапсени 19 луѓе осомничени за криумчарење на мигрнати од кои петмина беа полицајци. Тројца од нив се обвинети за организирање на криминална група.
Од Основниот суд 1 во Скопје велат дека во текот на изминатава година примиле 60 предмети поврзани со кривичното дело „криумчарење на мигранти“. Од нив 27 предмети се од Одделението на организиран криминал и корупција, а за 33 предмети од страна Основното јавно обвинителство до судот се доставени предлог спогодби. Во изминатава година 10 обвинети за криумчарење на мигранти добиле казна затвор а двајца добиле условна казна.