Бројот на загинати во силното невремето што го погоди Скопје и западниот дел на Македонија досега достигна 21 лице и десетици се повредени. Владата прогласи кризна состојба во регионите на Скопје и Тетово, а осми август е прогласен за ден на жалост во Македонија.
Полицијата ги идентификуваше жртвите и според податоците најмногу загинати се од скопската населба Ченто, каде се удавиле околу дест луѓе, меѓу кои и двегодишно дете. На 20 семејства им се предадени телата на починатите, за еден човек трае утврдување на идентитетот, соопштува МВР.
Стајковци, Смилковци и Арачиново исто така се меѓу најпогодените скопски населби, а настрадани има и во Крива Паланка, Тетово и Куманово. Од МВР велат дека има и пријави за исчезнали лица.
Невремето предизвика големи штети, поплавени се и срушени куќи и возила, улиците на погодените места се полни со кал, паднати се огради на игралишта.
Полицијата констатираше дека кај клучката Стајковци према клучката Радишани биле заглавени околу 70 возила. Свлечиште било пријавено и на обиколницата на потегот Ѓорче Петров према Стенковец.
Владата одржи втора вонредна седница за мерките, АРМ ги стави на располагање сите капацитети, ангажирани се специјални и други служби. Советот на Град Скопје одржа вонредна седница на која беше утврдено дека семејствата на загинатите ќе добијат парична помош од 180.000 денари. Мерки за парична помош донесоа и други скопски општини.
Граѓани собираат донации, тимови на хуманитарни организации се на терен, скопските населби бараат волонтери, а помош нудат и повеќе земји во Европа. Во јавноста и на социјалните мрежи се отвораат прашањата колку Македонија е подготвена да одговори на ваквите предизвици, какви што се елментарните непогоди.
Вчера вечер имаше поројни дождови низ земјава, но до полноќ во главниот град Скопје беа со помал интензитет. Според податоците на метеролошките станици во понеделник (08.08) во Скопје и натаму ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, кои се прогнозира дека ќе престанат кон крајот на денот, информира УХМР.
Вечерва влажниот бран најпрво се движеше и ги зафати западните делови, каде невремето беше поинтензивно, а подоцна се прошири и во централните и североисточните делови.
УХМР апелира во случај на појава на електрични празнења внимателноста да биде поголема, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Најмногу дожд во изминатите 24 часа имало во Скопје каде се измерени 93 литри на метар квадратен, соопшти УХМР.