Достапни линкови

Иванов останува под сенката на Груевски


Претседателот Ѓорге Иванов во вчерашниот говор ги повтори тезите што постојано ги истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Активностите на Специјалното јавно обвинителство се апсолутно селективни и се насочени единствено кон една политичка партија, кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е изјава од мај на претседателот на владејачката партија Никола Груевски.

„Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството.“

Ова, пак, е изјава на претседателот Ѓорге Иванов.

Ставовите за Специјалното јавно обвинителство не се единствените кои им се речиси идентични. Партискиот претседател и претседателот на државата за ова обвинителство тврдат и дека работи под диктат на шефот на СДСМ Зоран Заев.

Позициите не им се разликуваат многу и за редица други прашања. Сега Заев е единствениот аболиран политичар, велат и двајцата, истакнувајќи го случајот Глобал од 2008 година. Ја обвинуваат опозицијата за обид за дестабилизација на државата, работејќи за нечии туѓи интереси. Споменуваат надворешен фактор и странски служби, без да прецизираат за што точно се работи.

„Поминавме година во која некој, користејќи го СДСМ, сакаше на најможно валкан начин да ја урне ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизира Македонија и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси“, рече Груевски во јануари.

Пет месеци подоцна и Иванов излезе со слични тези.

„Сè што се случуваше упатуваше на тоа дека се соочуваме со туѓа наметната игра што има за цел дестабилизација на Македонија. Очекувам судската разрешница на предметот „Пуч” да го даде одговорот“, рече Иванов.

И двајцата тврдат дека СДСМ се единствените виновници зашто се одложувале изборите и во тоа повторно им помагал некаков фактор.

Претседателот конкретно ги обвини и лидерите на СДСМ и ДУИ дека ја загрозиле правната држава, сувереноста и независноста.

Во однос на протестите, невладините организации и активистите, и Груевски и Иванов имаат слична перцепција со која даваат негативна мистерија околу нивното дејствување.

„Постоеше висок ризик од поттикнување насилни акти и предизвикување меѓу-македонски судир. Се активираа криминални мрежи, антивладини активисти и олеснувачи на движењето на мигрантите“, рече Иванов, повикувајќи го автентичниот невладин сектор кој, како што рече, со години конструктивно придонесувал кон решавање на бројни проблеми во општеството да се дистанцира од оние поединци и групи кои протестирале само за да профитираат.

Груевски, пак, во интервјуто дадено за порталот Телеграф ,кое предизвика силни реакции, прецизираше дека се работело за невладини финансирани од Сорос чии експоненти во протестите земале сериозни хонорари.

Иванов во обраќањето до граѓаните нагласи и дека во Македонија се водела специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување на тензии и воспоставување на постојани политички кризи со технички влади.

Македонија и специјална војна е една од темите кои со месеци се анализираат и во провладините медиуми. Дел тези особено за Специјалното јавно обвинителство, протестите и опозицијата кои деновиве се слушаат од Иванов и Груевски се носечки главни теми во тие медиуми.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG