Достапни линкови

САД бара целосно повлекување на аболицијата


Политичките помилувања треба целосно да бидат повлечени. Доколку лидерите ги поништат или повлечат помилувањата само на делумен или селективен начин, тоа само дополнително ќе го зголеми растечкото чувство на неказивност, порача американскиот дипломат Хојт Брајан Ји.

Се уште веруваме во Договорот од Пржино и ги повикуваме политичките лидери да ги спроведат реформите преземени со тој договор, порача заменик помошникот државен секретар на Соединетите Држави Хојт Брајан Ји, кој овие два дена престојуваше во Скопје. Ји соопшти дека главна тема на неговите разговори со политичките лидери во земјава била кризата предизвикана од помилувањата на претседателот.

Доколку лидерите ги поништат или повлечат помилувањата на само делумен или селективен начин, тоа само дополнително ќе го зголеми растечкото чувство на неказивност во државата и на недостатокот од одговорност.

„Помилувањата од страна на претседателот според наше видување го поткопува владеењето на правото. Овие помилувања го поткопаа не само владеењето на правото, туку и македонската кредибилност како земја која е одлучна да биде дел од Европа и евроатланските институции“, изјави Ји.

Затоа додаде дека е многу важно лидерите брзо да дејствуваат за да ја поправат штетата направена од овие помилувања и да го направат тоа на јасен, разбирлив и недвосмислен начин.

„Доколку лидерите ги поништат или повлечат помилувањата на само делумен или селективен начин, тоа само дополнително ќе го зголеми растечкото чувство на неказивност во државата и на недостатокот од одговорност“, изјави Ји.

Тој посочи дека одговорноста подразбира и целосна поддршка за сите институции задолжени за спроведување на владеењето на правото, вклучително и Специјалното јавно обвинителство задолжено за расчистување на случаите кои произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори.

На прашањето дали договорот во Пржино е се уште жив и дали може да и се верува на старата Влада дека ќе продолжи со реформите, Ји одговори

„Ние не поддржуваме или фаворизираме индивидуален министер, назначувања, состав на влада, владина програма, и сл. Не е до нас или некоја друга странска земја тоа да го каже. Ние ги поддржуваме аспирациите на оваа земја кон евроатланските институции. А, тоа значи дека треба да постои владеење на правото, одговорност, влада која ќе одговори на интересите на граѓаните, која ги спроведува обврските кон меѓународната заедница, а тоа го вклучува и договорот во Пржино кој ние силно го поддржуваме. Ние бараме акции, а не само зборови. Дела, а, не само ветувања. Сакаме да видиме напредок кон обврските кои Македонија ги презеде со пржинскиот договор“, порача Ји.

Во меѓувреме, дипломатскиот притисок за решавање на политичката криза продолжува. Денеска во Скопје, пристигнува специјалниот пратеник на германското министерство за надворешни работи, Јоханес Хајндл. Германската амбасада во Скопје соопшти дека ова е надоврзување на неговата посета од минатата недела, но и дека покрај разговори со партиите потписнички на договорот од Пржино, како и со претставници на Меѓународната Заедница, овојпат се предвидени и разговори со претседателот на државата Ѓорге Иванов и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Хајндл минатата недела пред средбите со политичките лидери соопшти дека е дојден да сослуша и дека потоа на следната посета, во координација со ЕУ и САД, ќе излезе со конкретни предлози за решавање на политичката криза.

Писмени соопштенија со барање решението за аболиција на 56 лица да биде повлечено без какво било одложување, побараа и Холандија,земјата претседавач со Европската Унија, Европската Комисија и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG