Достапни линкови

Младинска иднина - партиска книшка или бугарски пасош


Во Куманово има околу десет илјади невработени млади. Велат тешко се доаѓа до работа ако немаш партиска книшка. Некои посегнуваат по купена диплома, трети пак и најбројни по бугарски пасош и иднината ја гледаат во странство.

Незадоволни од образованието кое не коинцидира со праксата, купување дипломи од приватните факултети за вработување во државни или локални институции, партиска книшка и роднинско-пријателски врски, но и се поголема трка за добивање бугарски пасош и заминување некаде во светот, главно, е секојдневието со кое се соочуваат младите кумановци. Меѓу 30-те илјади невработени, околу десетина илјади се млади, кои освен што се повикувани на некакви, како што велат, бесполезни обуки за да не бидат избришани од евиденција во Агенцијата за вработување, тешко доаѓаат до работно место.

Некои од запрашаните без оглед што не се согласуваат со императивот на партиски определби за работно место, велат дека тоа е неминовно. Една студентка на Факултетот за безбедност, одбрана и мир, вели дека не се надева на вработување во областа за која се школува.

„Што било да најдам, но во таа струка не, бидејќи сега вработувањата одат партиски, определена сум на друга страна и така,..., не се надевам. До сега забележав дека она што го учиме на факултетот не коинцидира со она што се бара во пракса. И кога одиме на пракса ги слушаме истите предавања кои што ги слушаме и на факултетот. Затоа за сега сметам дека мојот факултет за мене е промашена инвестиција.“

А за својата иднина оваа млада кумановка додава:

„Ќе барам начин за излез од државата.“

Сашо Тодоровски, професор во Средно економско училиште во Куманово вели дека младите се свесни дека без партиска книшка не можат да се вработат.

„Ги гледам младите дека сите излезот го бараат надвор од Македонија. Средношколци од 17,18 години одат во Бугарија да бараат бугарски пасоши. Тие само чекаат да завршат средно школо и да заминат.“

Според него иднината на младите е во подобар систем на образованието, квалитетни квалификации, но и дистанцирање од политиката.

„Младите ќе останат тука доколку се цени квалитетот добиен преку школувањето, да одат на пазарот на трудот и таму да го добијат своето место без оглед дали познаваат некого или не.“

За полесно добивање работно место особено во државните или локалните институции младите се повеќе купуваат дипломи од некои од приватните факултети.

РСЕ: Можат ли со купените дипломи младите во странство да најдат работа?

„Според мене таму не би можело со купена диплома да се просперира, иако можеби зависи и од дипломата. А кај нас се уште може“, вели професорот Тодоровски.

Тешката економска состојба, нискиот животен стандард, беспарицата, се повеќе младите, па и некои повозрасни ги принудува да бегаат надвор од градот и од државата, забележува запрашана кумановка.

„Младите генерално гледаат да се зачленат во некоја партија за да можат полесно да се вработат, инаку многу тешко.“

Има ли можност да се вработи некој без партиска книшка, оваа кумановка забележува дека тоа е речиси неверојатно, а и доколку се случи на таквите им претстои вложување дополнителни усилби за докажување на својата способност, самоусовршување. Инаку, според неа, младите главно се зачленуваат во едната или другата партија зависно од тоа каде ја гледаат можноста за вработување.

„Се знае. Во државните или во локалните институции, во едната или во другата партија.“

Ако немаат партиска книшка, купена диплома, роднински или пријателски врски, многумина млади кумановци својата „среќа“ ја бараат преку работа на брод, не мал број кумановци и тоа цели семејства со мали деца се селат во некоја од земјите на Европската унија, во Америка, Австралија, дури и во Африка. Градот се повеќе се празни, старее, никој од надлежните за тоа не води грижа, ниту презема некакви мерки за да го подобри животот, велат младите кумановци.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG