Достапни линкови

Обвинителство - Водачите во Диво Насеље не биле убиени отпосле


Обвинителството тврди дека лидерите на „Диво насеље“ не биле ликвидирани по нападите. Дел од сведоците на одбраната тврдат дека полицијата ги малтретирала во потрага по обвинет во процесот.

Обвинителите во судскиот процес за случајот „Диво Насеље“ денеска ги демантираа тврдењата на обвинетите од претходното рочиште дека четворица лидери на групата обвинета за тероризам биле ликвидирани по нападите, односно по приведувањето во полициската станица. Обвинителите Наум Пановски и Вилма Рускоска велат дека во наводите од обдукцијата е точно наведено од која далечина е пукано и дека имаат сведоци, односно заштитени сведоци кои учествувале директно во престрелката.

Неблагодарно е да се шпекулира со работи кои се навистина осетливи, ако одбраната ги прочита добро наводите од обдукцијата точно е наведено колку рани, каде се раните, како се облечени, како се однесени.
Наум Пановски, обвинител.

„Неблагодарно е да се шпекулира со работи кои се навистина осетливи, ако одбраната ги прочита добро наводите од обдукцијата точно е наведено колку рани, каде се раните, како се облечени, како се однесени“, изјави Пановски.

„Немало потреба тие да бидат ликвидирани, значи оние не биле само тие главните, одбраната и обвинетите можат по закон да кажат што сакаат но доказите се поинакви“, изјави Рускоска.

На денешното рочиште сведочеа сопругата и ќерката на обвинетиот Фадим Фејзулаху и една жителка на Диво Насеље, по барање на Обвинителството.

Фадим Фејзулаху е обвинет за директно учество во нападите и дека е уапсен со првата поголема вооружена група. вели обвинителката Вилма Рускоска.

„При апсењето бил со командант Соколи, Сами Укшими, Малишева, и е ранет“, посочи Рускоска.

Според доказите на обвинителството од кумановскиот катастар, тој бил сопственик на една од куќите каде што биле сместени дел од обвинетите за тероризам и терористичка организација.

Ќерката и сопругата на Фејзулаху тврдеа дека веќе четири години не живеат во куќата во кумановската населба Диво Насеље, туку на три километри од Куманово каде полицијата на 9 мај утрото влегла во нивниот дом со, како што велат, пукајќи уште во дворот, во потрага по обвинетиот. Тие тврдеа дека не знаат каде бил во тој момент Фадим Фејзулаху и дека полицијата ги малтретирала.

„Во пет наутро цела фамилија бевме опколени од полицијата и бевме малтретирани, мажите беа тепани, имаше пукање. Полицијата го бараше татко ми, ние спиевме, не знаевме каде е. Полицијата почна да пука уште пред да влезе во дворот, изјави во судот ќерката на Фадмир Фејзулаху, Артизана.

Таа не одговори на прашањата како е сигурна ако не видела дека полицијата пукала, ниту кога последен пат обвинетиот бил на пат во Косово, но додаде дека никој од семејството не пукал, затоа што немале оружје и претходно спиеле.

Сопругата на обвинетиот, Фикрие Фејзулаху пред Судот рече дека полицијата кога влегла во нивниот дом пуштила некаков дим, по што во ходникот почнала да ги тепа нејзините синови и синовите на нејзиниот девер.

„Кога влезе полицијата прашуваше дали имаме злато и дрога, но не нè оставија да одговориме и не ставија во посебни соби, мажите со врзани раце потпрени на ѕид, а жените во посебна соба. Така не држеа речиси до пладне“, рече во судот Фикрие Фејзулаху.

Според обвинителниот акт, полицијата вршела претрес на тој ден по налог на судија во потрага по вооружена група која го извршила инцидентот во Гошинце.

Адвокатот на десетина обвинети во судскиот процес „Диво Насеље“, Насер Рауфи по рочиштето изјави дека намерата на обвинителство со овие сведоци, била да докаже дека настанот на 9 мај предизвикал чувство на страв и несигурност кај луѓето кои биле во близина на конфликтот.

„По мене излезе спротивното, дека нивната траума и нивниот страв се должи на бруталното однесување од страна на полицијата.“

На претходното рочиште сведоците на Обвинителството, полицијаците од Гошинце изјавиле дека две вооружени групи од по 10 луѓе ги нападнале, им ги врзале рацете, едниот од четворицата полицајци бил удиран по глава, им било одземано оружјето, и им било речено да седат мирни половина час, па да тргнат право по патот без застанување.

Денешното рочиштето помина со силно полициско обезбедување.

Следното рочиште за судскиот процес „Диво Насеље“ е закажано за 2 март, во период кога се очекува да почне и рочиштето за предметот Пуч во кој еден од обвинетите е лидерот на опозицијата Зоран Заев.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG