Со осум гласови за и три против собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, денеска констатираше дека ќе биде формирана нова Анкетна комисија за скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други документи. Но, сепак претседател, потпретседател, членови и нивни заменици денеска не беа избрани, бидејќи како што објаснија пратениците, се уште не биле доставени кандидати за Комисијата.
Ова што го правите со анкетна комисија, тоа е брука, невидена брука! Контра анкетна комисија правите на постоечка анкетна комисија којашто треба да функционира согласно Договорот од Пржино.Горан Сугаревски, СДСМ.
„Моја проценка е да се остави уште неколку дена да се достават [кандидати], затоа расправата за оваа точка ќе се одложи за следното продолжение на оваа седница“, рече заменик – претседателот на Комисијата за прашања за изборите и именувањата, Трајчо Димков од пратеничката група на ВРМО – ДПМНЕ.
Гласањето за предлозите за дневниот ред на Комисијата започна по повеќе од еден час, додека траеја препукувањата на пратениците главно до опозициската СДСМ и владејачката ВМРО – ДПМНЕ. „Ни доставивте хаос од материјали на две минути пред почетокот на Комисијата“, се жалеа пратениците од СДСМ, велејќи дека нивните колеги од ВМРО – ДПМНЕ се обидуваат да направат контра анкетна комисија на онаа за скандалот со прислушувањето.
„Ова што го правите со анкетна комисија, тоа е брука, невидена брука! Контра анкетна комисија правите на постоечка анкетна комисија којашто треба да функционира согласно Договорот од Пржино. Работите врзани со скандалот со прислушување, со лични карти, се поврзани со анкетната комисија којашто согласно Договорот од Пржино ја има основано ова Собрание. Нема да учествуваме во таква анкетна комисија“, рече Горан Сугаревски од пратеничката група на СДСМ.
Пратеникот Илија Димовски во улога на координатор на пратеничката група, во однос на формирањето на Комисијата праша зошто Собранието да не истражува за скандалот, во услови кога било потврдено дека во приватна куќа се печателе фалсификувани пасоши, не само од македонски, туку и бугарски и турски.
„Пронајдени фалсификувани документи, пронајдени 120 илјади украдени идентитети со матични броеви, пронајден избирачки список на Општина Центар, но не онаков каков што партиите го добиваат, малку поразличен, којшто го има државата, само државата. Пронајдени еден тон работи коишто очигледно се скандал сам по себе. И сега, тоа не треба да се истражи, не треба да се дознае вистината. Зошто? Затоа што имате некого да го скриете во целава постапка? Ние се согласивме да има анкетна комисија за тоа што вие баравте, и има анкетна комисија“ рече Димовски.
Пред новогодишните празници ВМРО – ДПМНЕ со поддршка на ДУИ и ДПА предложи Собранието да прифати формирање на анкетна комисија за случајот за фалсификување на лични карти. Илија Димовски, тогаш рече дека Јавното обвинителство потврдило дека на едно место се пронајдени списоци со 120.000 украдени идентитети на граѓани, огромен број на фалсификувани лични карти и пасоши, од Македонија Бугарија и од Турција, што на скандалот му давал меѓународен карактер.