Достапни линкови

Синдикати поблиски до власта, отколку до работниците


Пасивноста на синдикатите во изминативе две децении се должи на тоа што раководствата секогаш биле поблиски до власта, отколку до работниците.

Во пост-транзициониот период властите во Македонија тенденциозно и континуирано ги кратат работничките права. Таквата практика е развиена поради фактот што синдикатите во земјава во истиот период беа доста пасивни и не пружија никаков отпор кон кратењето на работничките права. Ваква е генералната оценка на експертите кои ги следат состојбите во оваа област, кои велат оти во моментов лидерите на синдикатите се повеќе блиски со властите и со работодавачите, отколку со работниците.

Синдикатите кои се членови во Сојузот на синдикати на Македонија се жртви на грабнувањето на моќ на лидершипот на ССМ и таа ситуација мора да се реши внатре во ССМ.
Артан Садику, Левичарско движење Солидарност.

Артан Садику од Левичарското движење „Солидарност“ коментира дека Сојузот на синдикатите на Македонија има најголема вина за таквата ситуација. Водството на ССМ, вели тој, секогаш преферира да преговара со власта и во тие преговори секогаш е најслабата страна. Во таа позиција власта успева да протурка закони кои драстично ги кратат работничките права во Македонија, вели Садику.

„Синдикатите кои се членови во Сојузот на синдикати на Македонија се жртви на грабнувањето на моќ на лидершипот на ССМ и таа ситуација мора да се реши внатре во ССМ со ослободување од таквото зграпчување на моќ од лидершипот, особено од сегашниот лидер, господинот Живко Митревски, кој секогаш претпочита да има добри односи со власта, а внатрешно ги угнетува синдикатите кои се членки на ССНМ“, вели тој.

Таму состојбата навистина е многу алармантна. Имаме податок дека дали само 2-3 отсто од тие вработени се синдикално организирани.
Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.

Садику додава дека лидерите на синдикатите се трудат да ја зачуваат нивната позиција на моќ во синдикатите и оттука тие ги бранат позициите на власта, а не позициите и правата на работниците, вели тој.

И претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристевски, вели дека работниците ја немаат потребната заштита од синдикатите. Сепак, според него, вработените во јавните претпријатија имаат подобра заштита во однос на приватните, за кои Ристевски вели дека се оставени на милост и немилост на работодавачите.

„Таму состојбата навистина е многу алармантна. Имаме податок дека дали само 2-3 отсто од тие вработени се синдикално организирани“, вели Ристевски.

Артан Садику заклучува дека процесот за избор на нов претседател на ССМ, кој, како што вели, е под контрола на сегашниот претседател Живко Митревски, укажува на фактот дека тој не би ја жртвувал неговата позиција за процес со кој ССМ би станала вистинска организација која ќе се бори за правата на работниците. На ваквите тврдења се обидовме да добиеме коментар и претседателот на ССМ, Живко Митревски, кој не одговараше на повиците.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG