Достапни линкови

Луѓето со посебни потреби недоволно интегрирани


Главен проблем е нефункционирањето на Дневниот центар за деца со посебни потреби, се жалат засегнатите.

И покрај тоа што лицата со посебни потреби во Дебар се организирани во повеќе здруженија, раководните структури на овие граѓански организации ја изнесуваат оценката дека оваа категорија на лица не се доволно интегрирани во општеството. Во здружението „Порака“ во Дебар, кое ги заштитува лицата со интелектуална попреченост, велат дека проблемите со кои се соочуваат овие лица се бројни.

Главен проблем е нефункционирањето на Дневниот центар за деца со посебни потреби. Ние немаме точна информација каде е проблемот. Институциите треба да се разберат и проблемот да се надмине.
Беким Аме, претседател на центарот „Порака“ во Дебар.

„Главен проблем е нефункционирањето на Дневниот центар за деца со посебни потреби. Ние немаме точна информација каде е проблемот. Институциите треба да се разберат и проблемот да се надмине. Ние бараме брзо профункционирање на оваа институција. Онака како што дневните центри работат во другите градови на Македонија, така треба да работи и во Дебар. Повеќе од две години центарот не функционира, а децата седат дома. Исто така бараме отворање на специјални паралелки во деветолетките во градот и селата. Овие деца не се во можност да ја следат редовната настава, за нив треба посебна настава“, вели претседателот на центарот „Порака“ во Дебар, Беким Аме.

Средствата што ги добиваме од државата за децата со посебни потреби изнесуваат 4300 денари. Тие деца растат и сега се веќе големи. Трошоците за нив се зголемени.
Шабан Суловски, татко на дете со посебни потреби.

Според него, надлежните треба да сторат повеќе за целосна интеграција на овие лица во општеството. Во спротивно, додава Аме, тие ќе организираат протести, особено околу повторното отворање на Дневниот центар за овие лица.

„Ние бараме целосна интеграција на овие деца со интелектуална попреченост во општеството. Исто така бараме поголема соработка со општината и центарот за социјални работи. Како здружение имаме многу малку средства, нешто повеќе од 20 илјади денари годишно и тоа е малку за да се функционира и да се организираат активности. Протестите ги најавуваме особено заради повторното отворање на Дневниот центар“, додава Аме.

Шабан Суловски има дете со посебни потреби. Тој смета дека има потреба од зголемување на висината на средствата што ги дава министерството за овие лица.

„Средствата што ги добиваме од државата за децата со посебни потреби изнесуваат 4300 денари. Тие деца растат и сега се веќе големи. Трошоците за нив се зголемени. И тие гледаат свои врсници и бараат да се облекуваат како нив. Исто така има потреба од институции во кои децата ќе се дружат, тие не можат да седат дома затворени“, вели Суловски.

Неколку здруженија на лица со посебни потреби кои функционираат во Општина Дебар најавуваат и заеднички активности за целосна интеграција на оваа категорија лица во општеството. Тие сметаат дека тоа е неопходна потреба која е гарантирана и со меѓународните конвенции, но и со домашните закони.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG