Достапни линкови

Хелсиншки - Сите во притвор, а таму нема место


Злоупотреба на мерката притвор, судење во неразумен рок, непочитување на пресумпцијата на невиност, проблеми со јавноста на судските постапки, меѓу судиите нема правична етничка застапеност, се само дел од забелешките во анализата на судските случаи на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Злоупотреба на мерката притвор, судење во неразумен рок, непочитување на пресумпцијата на невиност, проблеми со јавноста на судските постапки, меѓу судиите нема правична етничка застапеност, се само дел од забелешките во анализата на судските случаи на Хелсиншкиот комитет за човекови права, направена во приод од септември минатата година, до јуни годинава. Во тој период се набљудувани 30 судски постапки, за време на 105 судски расправи, во 11 судови во Македонија.

Доколку има место за 10 луѓе, таму се сместени 14 луѓе. Она што запрепастува е дека над 100 притвореници беа од само 10 случаи, што значи дека ние имаме масовни, колективни судења во Македонија.
Воислав Стојановски, Хелсиншки комитет на Македонија.

Воислав Стојановски од Хелсиншки, како автор на анализата, вели дека се злоупотребува мерката притвор. Една работа се условите во притворните одделенија, а друго е како се одредува оваа мерка, вели тој.

Архивска фотографија: Воислав Стојановски.
Архивска фотографија: Воислав Стојановски.

„Доколку има место за 10 луѓе, таму се сместени 14 луѓе. Она што запрепастува е дека над 100 притвореници беа од само 10 случаи, што значи дека ние имаме масовни, колективни судења во Македонија, што не е пракса што треба да продолжи понатаму. Решенијата кои се изрекуваат најчесто се колективни, содржат стереотипна формулација, се многу кратки и наликуваат едно на друго“, вели Стојановски.

Со министерката за внатрешни работи на два пати на писмено побаравме соработка, но тоа не се случи. Актуелниот врв на МВР нè третира како персона нон грата.
Гордан Калајџиев, Хелсиншки комитет на Македонија.

Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, вели дека соработката со судовите е само чекор кон поголема транспарентност и кон видливост на правдата.

„Граѓаните да почувствуваат дека правдата е достижна и да се врати на некој начин довербата на граѓаните во судството. Мислам дека сме далеку од тоа, но мислам дека таа прва средба, да речам прв исчекор од страна на судот, да ги слушне и забелешките на невладиниот сектор, сепак претставува чекор напред“, вели Пировска.

Претседателот на Хелсиншки, Гордан Калајџиев, вели дека за разлика од соработката што ја имале со Судот, за МВР се персона нон грата.

„Немам... Со министерката за внатрешни работи на два пати на писмено побаравме соработка, но тоа не се случи. Актуелниот врв на МВР нè третира како персона нон грата. Сме барале и податоци по слободен пристап, но одговор не сме добиле. Тоа е една трагична ситуација“, рече Калајџиев.

Во анализата има забелешки и за заштитените сведоци. Од Комитетот се прашуваат зошто се прави дополнителна заштита, на веќе заштитен сведок и не ѝ се дозволува на јавноста да го следи сослушувањето на сведокот, со што се јавува сомнеж во постапките во кои има вакви сведоци. Калајџиев наведува пример со заштитениот сведок во првиот случај против Љубе Бошкоски.

„Тоа е многу сомнително, морам да ви кажам. Како изгледаат одговорите, како стои тоа на хартија, молчи, се мисли, празно, како одговара, тоа е неубедително. Ниту кај заштитениот сведок, ниту кај посебните истражни мерки, по дефиниција не мора да се исклучи јавноста. Бидејќи токму за тие деликатни случаи, ако веќе сме избрале дека тој ќе се сослушува без да му се види ликот, нема причина зошто тоа да не го видат и други. Ако ликот не му се гледа и гласот му е заматен, јавноста да се убеди дека еве има сведок и одбраната може да му постави прашање и како тој одговара на тие прашања, бидејќи една од важните работи е да видите дали ќе му треба 5 минути за да одговори на прашање и да прочита од некаде или веднаш ќе одговори и колку ќе бидат убедителни одговорите, па дури и да му е заматен гласот. Во тој дел имаме дилеми“, вели Калајџиев.

Запрашани за став за случајот за петкратното убиство кај Смиљовското Езеро, од Хелсиншки велат дека со конечен став ќе излезат откако ќе излезе пресудата на писмено и откако за тоа ќе се изјаснат и повисоките судови, но она што сега можат да го кажат е дека немаат сериозни забелешки за водењето на постапката.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG