Достапни линкови

Некои тријат раце и во услови на криза


илустрација
илустрација

И додека одредени стопански дејности се најдоа под директен удар на рестриктивните мерки поради коронавирусот во земјава, сепак има и такви кои и во вакви вонредни услови работат со профит. Интернет компании,транспортни фирми за логистика, фармацијата, маркетите се дел од овој синџир на „победници“.

Во време кога коронавирусот најсилно ги погоди туризмот и угостителството, транспортот и услужните дејности, одредени стопански гранки и во услови на вонредна состојба сепак можат да се пофалат со заработка. Интернет компании кои пружат дигитални услуги, транспортни компании кои се занимаваат со дистрибуција и логистика за да стигне храната до потрошувачите, малопродажните дуќани и маркети, фармацевтската индустрија, се секторите кои не само што нема да бидат на удар, туку ќе имаат и ќар од кризната состојба, посочуваат нашите соговорници.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков вели дека онлајн вештините во финансискиот сектор ќе бидат „на цена“, односно дека дигитализацијата ќе биде особено важна во времето кое го живееме.

„Ако ова ситуација продолжи слободата на формирање на пазарни цени ќе се скрати и ќе биде неминовно надлежните да интервенираат. Од друга страна не можам да го изоставам фактот дека загарантираните права и слободи ќе се скратат, особено ако интервенира Владата за да не се направат несовесни заработки во одредени дејности. Но без банките и дигитализацијата со банките не ќе можеме, за да го заштитиме нашето здравје и прехранбената индустрија која може ќе треба да се шири и со носење на достава на домашна адреса“, вели Бошков.

И економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека и од оваа ситуација која ако подолго потрае ќе ја стави економијата „на респиратор“, може да се издвојат победници.

„Од оваа криза победници ќе се компаниите кои работат со платформи за далечинско учење, малопродажните дуќани за храна затоа што не можеме да зависиме само од традиционалните начини на купување храна во големите маркети, трета дејност се компаниите за логистика и транспорт. Ако насекаде во светот може да се нарача храна и да ви ја донесат дома, и ние ќе треба да се европеизираме и да ги користиме тие услуги. Секако дека и фармацевтските компании се најголемите профитери во оваа криза“, вели Адеми.

Во изминатите денови реакции во јавноста предизвика и уредбата на банките со којашто на граѓаните им се одложува плаќањето на кредитите на шест месеци. Но првичниот занес спласна откако стана јасно дека банките за време на грејс периодот нема да ја отпишуваат каматата на кредитите туку ќе им ја наплатат откако тие ќе започнат со редовно подмирување на нивните долгови. Со тоа се отвара прашањето дали и банките профитираат во услови на криза?

„Банките и пред и после кризата се профитабилни и ликвидни институции кај нас. Јас тука не гледам поголемо оптоварување отколку што било и порано. Се знае дека банките се многу конзервативни и рестриктивни институции кои повеќе се фокусираат на депозити на граѓани и кредит8и на компании со помал ризик. А и профитот отсекогаш им бил важен. Таму ковид-19 односно коронавирусот не промени ништо повеќе отколку што им беше и претходно политиката“, вели Адеми.

Некои светски агенции веќе објавија дека во Италија на пример, земјата која е една од најпогодените од коронавирусот, по завршувањето на кризата најмногу ќе профитираат фирмите за вршење услужни дејности во кантини, чистење и дезинфекција, рециклирање на смет, погребни претпријатија и логистика.

Во меѓувреме, ситуацијата дома не е многу поразлична од трендовите во светот. Најпогодени сектори во светот па и кај нас остануваат угостителството и туризмот, услужните дејности но и фирмите поврзани со автомобилската индустрија во земјата, поради прекинот на глобалните синџири на набавка.

Глобалните економски трендови се пресликаа и на домашните акции. Пад од 30 проценти од вредноста на берзанскиот индекс по прогласувањето на пандемијата со коронавирусот е забележан и на македонската берза. Првиот поголем пад македонската берза го забележува на 24 февруари, на само два дена пред во земјава да биде евидентиран првиот случај, односно кога беа забележани неколку случаи во регионот. Нешто подоцна на краток рок, берзата забележа стагнација и подобрување сè до 11 март, кога Светската здравствена организација прогласи пандемија на Ковид 19, по што тргувањето со акции е во константна надолна линија.

Последните статистички податоци на глобално ниво покажуваат дека од појавата на коронавирусот досега починале 1 353 417 лица, од нив починати се 74 905. Во моментот најпогодени се Соединетите Држави, по кои следуваат Шпанија и Италија.

Првиот случај на коронавирус во земјава кај нас беше регистриран на крајот од февруари. Бројот на заболени, но и на смртни случаи расте од ден во ден. Со цел да се спречи ширењето на вирусот, на предлог на Владата, претседателот Стево Пендаровски на 18-ти март прогласи вонредна состојба.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG