Достапни линкови

Македонските политичари едногласни во осудата на руската инвазија врз Украина


Киев, Украина - жена се моли за мир
Киев, Украина - жена се моли за мир

Во претседателската вила на Водно денеска ќе се одржи седница на Советот за безбедност, а во владата седница за украинската криза. Во меѓувреме осуди за руската инвазија на Украина стигнаа од претседателот, владините претставници, опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Реакциите на македонските политичари часови по рускиот напад врз Украина се во насока на поддршка на Киев, украинскиот народ и осуда за Москва.

Претседателот Стево Пендаровски свика Седница на Советот за безбедност, а владата седница на која ќе го разгледаат и усвојат новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ во поглед на ситуацијата во Украина.

Претседателот Пендаровски изрази „силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина“ што како што се наведува во реакцијата, неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета.

Претседателот наведува и дека инвазијата од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа.

„Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња.“, наведува Пендаровски.

Прв утрово реагираше министерот за надворешни работи Бујар Османи. На социјалната мрежа Твитер тој напиша дека одлуката на Кремљ и воените дејствија на руските воени сили „не се ништо помалку од акт на агресија и почеток на војна против Украина“, акти кои, како што напиша, ги осудуваме на најсилен можен начин.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пак рече дека агресијата на Русија и недозволива и додаде Северна Македонија, како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ се координира со партнерите за натамошните чекори.

„Иако сме мала земја, сепак нудиме помош колку што можеме на Украина во овие моменти“, рече Маричиќ за Утрински брифинг.


Поранешниот министер за надворешни работи и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за Радио Слободна Европа вели дека и лично има симпатии кон Украина бидејќи се работи за „мала земја која има слична историја со онаа на Македонија бидејќи често била оспорувана и во однос на идентитет и територијално“.

Милошоски: ЕУ, НАТО и ОН да бидат солидарни со Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:43 0:00
Директен линк


„Како политичар и како правник сметам дека денешната инвазија врз Украина е спротивна на меѓународното право и мислам дека исто така е спротивна на Повелбата на Обединетите нации . Европската унија и сите други земји членки на НАТО и на Обединетите нации треба да бидат солидарни со Украина и да најдат да и бидат од помош во овие тешки моменти“, вели Милошоски.

Инаку, според информациите на Министерството за надворешни работи, во Украина имало околу сто македонски државјани, триесетина веќе се вратени, а дваесетина се очекува да пристигнат. Останатите засега не одговориле на повиците на македонското министерство за надворешни работи за евакуација.

„Министрите денеска ќе ја разгледаат и Информација за потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина“, се наведува во соопштението за најавата на владината седница.

Зеленски: Русија ја напаѓа „нашата воена инфраструктура“
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:30 0:00

Премиерот Димитар Ковачевски вчера разговараше со украинскиот колега Денис Шмигаљ и му ја изразил поддршката на Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а постапката на Русија ја оцени како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право.

Инаку, реакција испрати украинската амбасада во Македонија. Во неа се наведува дека „целта на руската офанзивна воена операција е уништување на украинската држава, насилно заземање на украинска територија и воспоставување окупациска контрола“. Во соопштението се наведува дека Украина ја повикува меѓународната заедница веднаш да дејствува.

„Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, грубо кршење на Повелбата на ООН и основните норми и принципи на меѓународното право“, се наведува во реакцијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG