Достапни линкови

Македонија со големи амбиции зa напуштање на јагленот, но без јасен план


Протест во Глазгов за време на Самитот за климата „КОП26“. Активисти од целиот свет ги осудија лидерите дека не ги преземаат потребните чекори за справување со кризата предизвикана од климатските промени.
Протест во Глазгов за време на Самитот за климата „КОП26“. Активисти од целиот свет ги осудија лидерите дека не ги преземаат потребните чекори за справување со кризата предизвикана од климатските промени.

Последниот ден од Самитот за климата во Глазгов светот постигна договор за „постепено намалување“ на употребата на јагленот, што кај многумина предизвика разочарување. Македонија на овој Самит беше наречена како регионален лидер според климатските амбиции, но земја доцни со клучни акциски планови

Сите 197 земји членки на Обединетите нации го потпишаа финалниот Договор за климата во Глазгов, иако многу од нив беа разочарани од текстот кој беше променет во последен момент на барање на Индија и Кина.

Овие две земји побараа промена на Договорот, повикувајќи во него да стои дека употребата на енергијата од јагленот „постепено ќе се намалува“, а не како што првично беше предвидено, „постепено да се укинува.“

Кај многу еворпски и островски земји ваквиот потег предизвика лутина, потенцирајќи дека ова се случува додека светот наместо да ја намалува, сѐ уште ја зголемува употребата на фосилните горива и сѐ повеќе ги експлоатира природните ресурси на Земјата. Сепак, од друга страна, многумина оценија дека е подобро што некаков договор е постигнат, отколку воопшто да нема договор.

Клучен момент на Самитот за климата во Глазгов „КОП26“ беше да се спречи зголемувањето на глобалната просечна температура на 1,5 степени Целзиусови до крајот на векот.

Оваа цел беше поставена уште на Самитот во Париз во 2015 година за да се ублажат екстремните временски услови предизвикани од климатските промени, како сушите, топлотните бранови, поплавите, шумските пожари и топењето на глечерите, кои се последица на високите емисии од употребата на фосилните горива.

Но, и покрај разочарувањата од финалниот Договор, на овој Самит во Глазгов десетици земји се обврзаа дека постепено ќе ја укинуваат употребата на јагленот, а од земјите на Западен Балкан на оваа листа е само Северна Македонија.

Земјава беше истакната како климатски шампион на иницијативата на УНДП наречена „климатско ветување“, поради високата амбиција на ревидираните национални придонеси.

На дискусијата на „КОП26“ во Глазгов која во првиот дел од Самитот се водеше на тема обезбедување на доволно финансиски средства за ублажување на климатските промени, но и за справување со последиците од менувањето на климата, претседателот на државата Стево Пендаровски ја потврди амбициозната цел - земјата до 2050 година емисиите на стакленички гасови да ги намали за 72 проценти.

На оваа дискусија исто така беше потенцирано дека богатите земји имаат ресурси и треба да им помогнат на сиромашните заедници кои страдаат од последиците од климатските промени.

Помошта исто така е потребна за земјите во развој да направат праведна енергетска транзиција. За овие цели помалите земји како Северна Македонија имаат можност да подготвуваат предлог проекти и за нивна реализација да земат средства преку Зелениот климатски фонд.

Елена Николовска од граѓанската организација „Еко-свест“ објаснува дека за овие проекти одлучува мешовита комисија во која учествуваат развиени и неразвиени земји.

„Моментално проблемот е што богатите земји не сакаат да дадат доволно пари за овој фонд“, вели Николовска.

Северна Македонија досега има поднесено четри проекти во Зелениот климатски фонд.

Но, иако земјата беше наречена регионален лидер за поставување амбициозни цели за климата и енергијата, од „Еко-свест“ наведуваат дека сѐ уште не постои јасен план како да ги постигне тие цели.

„Се доцни со клучни акциски планови за имплементација на поставените амбициозни цели. Не постои функционален систем за координација и комуникација помеѓу централната и локалната власт, што е клучно за реализација на енергетските и климатски политики и задоцнет е процесот на праведна транзиција на регионите со јаглен“, велат од „Еко-свест“.

Западен Балкан - најважно е исфрлањето на јагленот

„Еко-свест“ е меѓу шест еколошки граѓански организации од регионот кои по завршувањето на „КОП26“ побараа регионалните лидери да ги спроведат своите политички ветувања и обврски преземени за ограничување на емисиите и да се посветат на силна зелена агенда за Западен Балкан.

„Деструктивните ефекти на климатските промени, заедно со целото присутно токсично загадување на воздухот, се почувствувани во целиот регион, а луѓето ја сносат цената на неефективните и бавни владини активности“, наведуваат организациите.

„Центарот за животна средина“ од БиХ, „Еко-свест“ од Македонија, „Грин Хоум“ и „Еко тим“ од Црна Гора и „РЕРИ“ и „Бош“ од Србија потенцираат дека пораката е јасна, а тоа дека сите влади мора да постават фиксни и амбициозни временски рамки за постепено укинување на употребата на јагленот, а силните национални политики со акциски планови треба да бидат столбот на обезбедувањето на праведна енергетска транзиција, истовремено спречувајќи ги климатските промени и нивните влијанија.

Итно е потребно јасна политичка амбиција и акција за постигнување на долгорочната заложба за декарбонизација до 2050 година, наведуваат еколошките организации и ги повикуваат сите земји од регионот да постават амбициозни цели за исфрлање на јагленот до 2030 година преку создавање на храбри национални планови за енергија и клима.

„За земјите од Западен Балкан како земји во развој, постепеното исфрлање на јагленот во блиска иднина не може да биде поважно“, наведуваат граѓанските организации.

Термоелектраните на јаглен во Западен Балкан се едни од најголемите загадувачи и се проценува дека од 2018 до 2020 година предизвикале околу 19.000 предвремени смртни случаи, според проценките на граѓанската организација „ЦЕЕ Бенквоч“. Меѓу нив се РЕК Битола и РЕК Осломеј од Северна Македонија кои испуштаат илјадници тони емисии на сулфур диоксид годишно.

Граѓанските организации од Балканот посочуваат дека шест години по потпишувањето на Парискиот договор, плановите за намалување на стакленичките гасови, или се слаби, или сѐ уште се во фаза на изработка.

„Дополнително, процесот за усвојување на истите не е ниту инклузивен, ниту транспарентен, нема многу социјални и еколошки аспекти и го прави проблематично нивното идно спроведување“, велат еко-организациите.

Дека екстремните временски настани влијаат врз животите на луѓето во регионот, граѓанските организации ги посочуваат неодамнешните поројни дождови кои предизвикаа разорни поплави во регионот на Сараево во БиХ, оставајќи цели населби без струја.

Досега регионалните напори беа слаби и заостануваат во секој поглед, наведуваат граѓанските организации посочувајќи дека земјите од Западен Балкан не смеат да продолжат со одложувањето, бидејќи ќе се зголеми товарот врз здравјето на граѓаните и ќе ги зголемат трошоците за последиците од деструктивните влијанија на климатските промени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG