Достапни линкови

Има ли економска логика во летот Софија-Скопје?


Премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Скопје, 18 јануари 2022
Премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Скопје, 18 јануари 2022

По пауза подолга од една декада денеска Софија и Скопје повторно се поврзаа со воздушна линија со авионот полн со политичари и владини претставници. Немало никакви политички пречки да се воспостави авиолинијата меѓу Скопје и Софија вели поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија Марјан Ѓорчев.

По повеќе од десет години повторно се прави обид да се воспостави авиолинија меѓу македонскиот и бугарскиот главен град. Во првиот лет на компанијата Гуливер од Софија до Скопје денеска беа владини делегации кои ги предводеа министрите за транспорт на двете земји Николај Сабев и Благој Бочварски. Но, дали политичкото промовирање на линијата ќе донесе и економска оправданост, ако се земе предвид дека и досега имаше обиди за воспоставување на авиолинија меѓу Скопје и Софија?

Последниот амбасадор на Македонија во Бугарија Марјан Ѓорчев, кој на позицијата беше до 2020 година, во изјава за Радио Слободна Европа вели дека и досега немало никакви политички пречки да се воспостави авиолинијата.

„Концесионер на аеродромот во Скопје е ТАВ, не знам кој е концесионер на аеродромот во Софија сега и тие две компании требало да седнат и да најдат модалитет како да соработуваат со некоја економски исплатлива сметка. Веројатно досега концесионерите немале математика да организираат авиолинија“, вели Ѓорчев.

Ѓорчев: Немаше политички пречки за авиолинијата Софија-Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:09 0:00
Директен линк

Инаку последнa авиолинија меѓу Скопје и Софија имаше од 2007 до 2009 година. Сега летовите ќе ги врши авиокомпанијата Гуливер која има лиценца во Бугарија од 2020 година. Од софискиот аеродром компанијата, која е бугарска старт ап инвестиција постара помалку од две години, во моментов има летови до осум дестинации, претежно чартер до туристички центри, а од подалечните места лета до Доминиканска република и Малдиви.

Но, како што пишуваат бугарските медиуми за економската исплатливост на линијата, летот до Скопје всушност е дел од поголемите планови на компанијата. Гуливер добила официјална дозвола од американското Министерство за транспорт да оперира со чартер и редовни летови од ЕУ до САД, а летот Софија-Њујорк би требало да почне пролетва. Истата компанија добила дозвола да лета и до Торонто, а покрај од Скопје, се планирале летови и од Тирана и од Солун. Целта на компанијата, според бугарскиот медиум „Сега“ е да ги спои балканските летови со прекуокеанскиот, а цената на авиобилетот би изнесувала околу 50 евра.

Авиоповрзувањето како идеја прво го промовираше бугарскиот премиер Кирил Петков во рамки на неговиот нов пристап во обидите за решавање на проблемот меѓу Софија и Скопје. Заедно со летот меѓу двата главни града се формираа и работни групи од областите на економијата, транспортот и културата, покрај досегашната заедничка мешовита комисија за историски и образовни прашања. Досега нејзината работа, исполнета и со несогласувања, беше во фокусот на јавноста, пред се и поради тоа што официјална Софија одлучи да ја блокира земјава во 2020 година првично поради нерешени прашања од историјата.

Според амбасадорот Ѓорчев, ваквите чекори како пуштање на авиолинијата се добри но нагласува дека остануваат многу горливи прашања меѓу двете држави и вели треба да се почека за да се даде заклучок.

„Се разбира дека треба да се гради доверба, треба да се дискутира, да се прават проекти, да се даваат нови идеи, да се даваат нови идеи за да се разработат тие проекти, особено за коридорот 8, но треба да видиме. За се е потребно време. Времето лечи се, да му дадеме време на времето“, вели Ѓорчев.

Инаку, покрај за економските теми и транспортната поврзаност во Софија продолжија разговорите за политичките прашања на нивоа на министерства за надворешни работи. Премиерот Димитар Ковачевски не открива детали, но нагласи дека кога ќе имало нешто конкретно јавноста ќе била информирана.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG